Трамп бара од Врховниот суд да го поништи Обамакеар

Владата на американскиот претседател Доналд Трамп побара од Врховниот суд да го поништи законот познат како Обамакеар (Obamacare).

Законот познат како акт на Обама за здравствена заштита (AЦA) стана неважечки откако тогашниот мнозински републикански Конгрес укина дел од неговите елементи, напиша владиниот адвокат Ноел Франциско во тужба.

„Ништо од она што направи Конгресот во 2017 година не покажува дека е планирано остатокот од АЦА и натаму да важи, без три интегрални одредби“, тврди Франциско.

Претходно администрацијата на Трамп објави дека ќе побара од Врховниот суд да го прогласи законот за нелегален, со што се отвора патот за една од клучните теми на политичката кампања за годинашните претседателски избори.

Демократската претседателка на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, претходно го нарече овој потег „незамислива суровост“ во време на коронавирусот кој најтешко ги погоди САД.

АЦА им забрани на осигурителните компании да ги одбијат Американците со постојни здравствени проблеми.

Трамп ги критикуваше трошоците за здравствена заштита, а напуштањето на Обамакеар беше едно од неговите главни ветувања во кампањата пред победата на претседателските избори во 2016 година.

Годинешниот демократски претседателски противкандидат, Џо Бајден рече дека најновиот потег на Трамп е суров и бесчувствителен.

Демократите ќе се обидат да победат на изборите во ноември ветувајќи дека ќе го одбранат Обамакеар, откако тие ја презедоа контролата врз Претставничкиот дом на САД со слична стратегија во 2018 година.

Треба да знаете
Последни објави