„Докажав дека оваа моја битка во политиката не е битка за гола власт. Носев одлуки без да калкулирам, ниту за политичкиот рејтинг, ниту за кариерата. Носев одлуки кои можеле да ги донесат и други политичари и ќе беше полесно ако ги донесеше некој порано. Кога требаше храброст на дело, ние ја покажавме, го ослободивме народот од режимот. Имавме храброст за уставни измени, за законите кои се гласаа со 80 гласови, а стратувавме со 49 пратеници со кои требаше да направиме влада. Договорите со Грција и Бугарија ги потпишавме за да ја осигураме европската иднина на нашата држава.“ – им се обрати на граѓаните на Гевгелија, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој говореше на партиската трибина.
Во низата храбри одлуки тој наброја поголем број реализирани проекти кои СДСМ ги нуди како главни аргументи на овие избори.
„Донесовме храбра одлука за зголемување на социјалната помош, воведовме социјална пензија за граѓаните кои го дале животот за државата, а денес немаат ни за храна. Имавме храброст да ги зголемиме платите во образованието за 21 отсто, а на специјалистите за 40 отсто, на медицинските сестри 25. Пензиите ги покачивме за 1 700 денари за две и пол години, не за 11 години. Имавме храброст за сите овие одлуки. Успеавме да ја дигнеме економијата за 5.4 отсто. Покажавме дека има пари за сите и ги враќавме кај граѓаните.“- истакна Заев.
Повикувајќи ги жителите на Гевгелија да гласаат за коалицијата „Можеме“, Заев потести на конкретните потези и суми, пари кои се вратиле кај народот.
„12,5 милиони евра вративме преку укинување на радиодифузната такса, 11 милиони евра им заштедивме на граѓаните со враќање на евтината струја. 10 милиони вративме преку Мој ДДВ. Намаливме такси и давачки за катастраски и други услуги. Покачивме плати во приватен сектор и за тоа покачување ние ги плаќаме придонесите. Минималната плата со храбра одлука ја покачивме за 60 отсто, на 14 500, исто како и просечната на 27 000. Но имаме пари, овие две плати ќе растат до 20 000, односно до 34 000 денари, до крајот на новиот мандат.“- најави Заев.