– Фондот за население на ОН го објави извештајот за состојбата со светското население за 2020 година. Овогодишната тема е штетни практики.
Џон Кенеди Мосоти, директор на Фондот за население на ОН за Северна Македонија во интервју за МИА вели дека во државава веќе се направени големи чекори од аспект на законодавството и на локално ниво.Имено, во декември 2018 година Парламентот донесе нов закон со кој бракот под 18 години се смета за кривично дело. Тој нагласува и дека е горд што на Самитот во Најроби минатата година, кога беа прославени 25 години од историската Меѓународна конференција за население и развој, Владата се обврза да ги намали детските бракови до 2030 година.
– Опсегот на штетните практики е огромен, но кои се најрелевантни за Северна Македонија и регионот?
– УНФПА, секоја година, објавува Извештај за состојбата на светското население на различни теми кои што бараат внимание на меѓународната заедница и повик за акција. Годинава тема е штетни практики. Три особено штетни практики се речиси универзално осудени и претставуваат кршење на човековите права, но, сепак, постојано и упорно се распространуваат: осакатување на женските гениталии, детските бракови и претпочитањето на син. Секојдневно, стотици илјади девојчиња ширум светот се под влијание на практики што им штетат физички или психички или обете, со целосно знаење и согласност на нивните семејства, пријатели и заедници. Влијанието од овие практики ги бранува општествата, зајакнувајќи ги половите стереотипи и нееднаквости.
За регионот на Источна Европа и Централна Азија, како и за Балканот, би рекол дека детските бракови, иако генерално се во опаѓање, во некои земји, како Грузија e 13.9 проценти, во Турција 15 проценти, како и над 10 отсто во Албанија, Киргистан, Молдавија и Азербејџан.
Феноменот на детски бракови се уште е присутен во регионот, а и Северна Македонија не е исклучок. Според податоците од Мултииндикаторско кластерско истражување од 2018-2019 година, процентот на жени на возраст од 20 до 24 години кои првпат стапиле во брак или во заедница пред 18-та година изнесува 7,5 проценти, а во ромските заедници е уште поголем.
Исто така, многу девојчиња воопшто и не се раѓаат: претпочитањето на син и практиката на пристрасна селекција на полот во некои земји доведоа до сериозно разнишана стапка на раѓање. Многу жени се подложени на огромен притисок од сопрузите, семејствата и заедниците да родат барем еден син. Ова може да ги натера жените да ја прекинат бременоста против својата волја. Тоа може да доведе до физичко насилство, социјално исклучување и развод.
– Кои се вообичаените причини за овие практики?
– Сите форми на штетни практики и дискриминација имаат една заедничка основна причина: распространетото верување дека девојчињата се помалку вредни од момчињата. Дека е подобро да имате син. Дека не вреди да се инвестира во девојчиња бидејќи тие во секој случај ќе го напуштат семејството и ќе станат туѓ „имот”.
Дека има одредени работи што девојките не треба да ги прават затоа што тоа е закана за честа на семејството. Дека одлуките треба да се носат за нив, а не од нив.
Тие притисоци честопати доаѓаат од мажи: татковци, браќа, дедовци. Но, не само тоа: жените – мајките, свекрвите – честопати еднакво потпаѓаат под општествените очекувања и вршат притисок. Освен тоа, има многу посуптилни притисоци со кои сме бомбардирани на телевизија, во списанијата и на социјалните медиуми и во огромен број преку социјалната интеракција, зајакнувајќи ја сè уште моќната социјална норма дека девојчињата се различни од момчињата: послаби, помалку вредни, помалку важни.
Таа практика ја шири родовата нееднаквост за наредните генерации.
– Какви чекори можат владите да преземат?
– Би сакал и да споменам и дека генерално, 24 проценти од девојчињата кои се омажиле пред 18-та година завршиле само основно образование, а во руралните средини состојбата е уште потешка. Во ромските заедници, 61 процент од мажените девојчиња под 18 години немаат никакво образование, а 50 проценти само основно образование.
Само еднаков третман може да доведе до еднаквост. Ние мора да престанеме да ги третираме девојчињата како товар, како предмети што треба да се контролираат и да им овозможиме на девојчињата исти права и можности како на момчињата.
Во Северна Македонија веќе се направени големи чекори напред од аспект на законодавството и на локално ниво – Во декември 2018 година Парламентот донесе нов закон со кој бракот под 18 години се смета за кривично дело. Исто така, јас сум многу горд што Владата на Северна Македонија, на Самитот во Најроби минатата година, кога прославивме 25 години од историската Меѓународна конференција за население и развој, се обврза да ги намали детските бракови до 2030 година.
За да се постигне ова, неопходно е да се усогласи Законот за семејство со Кривичниот законик, со цел експлицитно да се осигури дека минималната возраст за едно лице да живее во каква било форма на брачна заедница изнесува 18 години; изготвување Протокол за координирана акција на сите релевантни министерства за превенција, едукација, идентификација и санкционирање на детските бракови; Да се развијат и имплементираат кампањи што ќе го свртат вниманието на јавноста во контекст на човековите права во соработка со НВО и да се развиваат и имплементираат обуки за давателите на услуги за законски измени и неопходни активности за спречување детски бракови. Исто така, оваа заложба вклучува создавање официјална база на податоци за бројот на детските бракови, следење на индивидуалниот развој и обезбедување услуги за нивна грижа за обезбедување на нивните права и благосостојба.
Сето ова е во контекст на трите поими што можат да донесат реални промени и реални резултати за жените и девојките – почитување, заштита, исполнување.
– Светот е сведок на една од најголемите пандемии досега. Како епидемијата на Ковид-19 влијае врз штетните практики?
– Извештајот за состојбата со светското население 2020 година беше развиен во почетните фази на пандемијата Ковид-19. По објавувањето на извештајот, има малку податоци за тоа како тековната пандемија влијае врз појавата на штетни практики ширум светот. Сепак, УНФПА веќе добива првични извештаи за зголемување на бројот на генитално осакатување и детски бракови во некои заедници.
Пандемијата Ковид-19 влијае врз прекинување на програмите за отстранување на осакатувањето на женските гениталии. Како резултат на тоа, дополнителни 2 милиони девојки може да бидат повредени во текот на следната деценија.
Ковид-19 ќе ги наруши напорите за ставање крај на детските бракови, што потенцијално може да резултира со дополнителни 13 милиони детски бракови меѓу 2020 и 2030 година. Како што пандемијата на Ковид-19 се шири така бројот на жени кои не можат да пристапат кон семејно планирање, да се справат со несакана бременост, со родово базирано насилство и други штетни практики, може да се зголеми во наредните месеци.