Британскиот министер за здравство, Мет Хенкок изјави дека мора да се вратат строги карантински мерки во градот Лестер, бидејќи стапката на инфекција е значително повисока отколку во другите делови на земјата.
Додека остатокот од Велика Британија се подготвува да ги олесни мерките на физичко дистанцирање од 4 јули, Хенкок рече дека училиштата и продавниците што не продаваат основни производи ќе мора да се затворат во Лестер и ги повика луѓето да не патуваат во градот и да не излегуваат од него, пренесува „Ројтерс“.
„Ние не донесуваме вакви одлуки лесно, туку во интерес на луѓето од Лестер во нашите срца“, рече Хенкок обраќајќи се пред парламентот.
Тој додаде дека околу 10% од сите позитивни случаи во Велика Британија биле регистрирани во Лестер минатата недела, истакнувајќи дека седумдневната стапка на инфекција во тој град била 135 случаи на 100.000 луѓе, што е за три пати повеќе отколку во вториот по број заразени градови во Велика Британија.