Големи пожари се шират низ Калифорнија, па затоа од вчера се извршени присилни евакуации од населените места околу Солтонското Море на југот на оваа сојузна американска држава, пренесе агенцијата АП.
Пожарот избувна во саботата во Ниланд, мал и сиромашен земјоделски град на околу 160 километри од Сан Диего.
Штетите сè уште се проценуваат, но досега се уништени околу 20 куќи, а 130 лица се евакуирани, изјави Линда Дејл, претставник на округот Империјал.
Американскиот Црвен крст за јужна Калифорнија објави дека се обидува брзо да обезбеди сместување за сите евакуирани.
Сиромашната заедница во областа Империјал е сериозно погодена и од епидемијата на коронавирусот, па околу 500 пациенти биле пренесени во здравствените установи во соседните градови и области.