Фудбалерите на Борусија (Дортмунд) ќе се откажат од дел од своите плати до крајот на календарската 2020 година. Ова го најави извршниот директор на клубот Ханс-Јоаким Вацке. Играчите веќе се согласија да добијат помалку за време на кризата со коронавирус, за да можат да му помогнат на клубот, а Вацке додаде дека шемата ќе биде продолжена до Нова година.
Ова значи дека секој играч ќе добие околу 20 проценти помалку од она што го потпишал за уште шест месеци.
Во понеделникот Борусија објави дека очекуваат загуби од 45 милиони евра како резултат на пандемијата.
Вацке, исто така, рече дека нема да бидат поставени специфични цели за тимот за сезоната 2020/21. Пред една година, раководството соопшти дека ќе стори сé што е во нивна моќ да го симнат Баерн од врвот на Бундеслигата, но на крајот „жолто-црните” завршија на второто место повторно -13 поени зад Баварците.
Поради нивните перформанси, играчите и раководството добија сериозни критики од навивачите.
– Повеќе нема да поставуваме официјални цели. Тоа не значи дека немаме цел. Едноставно нема да учествуваме во оваа игра, рече Вацке.