Постигнат е договор за спогодба во износ од 19 милиони американски долари во две судски постаки за сексуално вознемирување и недолично однесување, покренати од повеќе жени против поранешниот холивудски магнат Харви Вајнштајн, соопштија адвокатите во вторникот.
Но, адвокатите кои претставуваат шест од жените кои поднесоа обвиненија против Вајнштајн предложениот договор го нарекоа „целосна распродажба“ која не бара 68-годишниот поранешен продуцент да прифати одговорност или исплата од неговиот џеб.
Спогодбата, која допрва треба да биде одобрена од федерален судија и суд за банкрот, би ја решила тужбата против Вајнштајн, неговата продукциска компанија и неговиот брат, поднесена во 2018 година од страна на јавната обвинителка на државата Њујорк.
Исто така, тоа би ставило крај на посебна тужба поднесена во 2017 година во име на девет жени кои го обвинија Вајнштајн за сексуално вознемирување или напад, порача Летиција Џејмс, јавната обвинителка на државата Њујорк.
„После сите вознемирувања, закани и дискриминација, овие преживеани конечно добиваат некаков вид на правда“, напиша таа на Твитер.
Џејмс додаде дека предложената спогодба ги ослободува жените од договорите за необјавување информации, кои ги спречуваат јавно да говорат за Вајнштајн, некогаш еден од најмоќните мажи во Холивуд.
Поранешниот филмски продуцент Харви Вајнштајн моментално служи затворска казна за сексуален напад и силување. Тој годинава беше осуден на 23 години затвор за сексуален напад врз неговата асистентка Мими Халеј и за силување на актерка-аспирант Џесика Ман.