Она што го започнавме на почетокот на оваа COVID – криза, а во духот на транспарентноста и отчетноста, односно навремено па дури и предвремено информирање на јавноста за спроведувањето на буџетот и за состојбата на јавните финансии – го продолжуваме и сега. Ова е четврт месец по ред, како преку прес-конференции по завршување на месецот – или 25 дена однапред, ја информираме јавноста за месечното извршување на буџетот. Се надевам дека оваа добра пракса ќе остане и за понатаму – без разлика дали резултатите се добри или лоши, дали економијата е во експанзија или контракција, односно во криза.
Денес информираме за реализацијата за месец јуни, како и вкупно за целото прво полугодие од 2020 година.
Она што радува е дека резултатите се подобри од очекуваното. Тоа укажува дека закрепнувањето е почнато и истото може да оди и побрзо од очекувањата.
На приходната страна, кумулативно од почетокот на годината се уште се забележува пад. Сепак тој е значително ублажен, а кај одредени давачки се забележува дури и висок раст во споредба со истиот период минатата година.
- Во периодот јануари – јуни, вкупните буџетските приходи се остварени на ниво од 44% од ребалансот (годишниот план) или во износ од 87,4 милијарди денари. Ова е за 9% помалку во однос на истиот период лани. Процентот на остварување во однос на планот, е речиси ист како и минатата година. Тоа укажува дека е задржана динамиката на наплата на приходите. Мора да се напомене дека реализацијата на вкупните приходи во јуни е значајно подобра од очекувањата, – реализацијата на приходите во јуни е за 9.6% пониска во однос на јуни минатата година (додека во сценариото бевме подготвени за 20% пониски).
- Даночните приходи во првата половина од година бележат пад од 13% на годишно ниво и изнесуваат 47,3 милијарди денари, Досега се реализирани 44% од планот, што е речиси непроменета реализација во однос на план споредено со лани. Само за јуни, согласно сценариото од ребалансот проекциите беа во надолна линија со очекуван пад од нешто над -20%, додека остварениот пад е -14,4%.
Ова е позитивна разлика од околу 700 мил.денари. По падот од 31% и 29% во април и мај респективно, се забележува позитивно придвижување и подобрена наплата кај даноците.
- Кај приходите од ПДД има позитивни движења. Во второто тримесечје движењата по месеци се -11,7% (април), -25,7% (мај), за во јуни да биде регистрирана позитивна стапка 1,7%. Ова во голем дел се должи на мерките на Владата за помош во исплата на плати за фирми погодени од КОВИД.
- ДДВ исто така има позитивно движење. Во април и мај падот кај ДДВ беше -43,5% и -33%, додека во јуни е -7,5%. Негативните стапки опаѓаат во второто тримесечје . Повратот на ДДВ исто така се одвива непречено и фирмите го добиваат повратот во регуларна динамика. Во услови на криза, повратот на ДДВ во првото полугодие од 2020 е повисок за 660 мил.ден. спредено со истиот период лани или 6% повеќе. Ублажувањето на падот на приходите од ДДВ, меѓу другото се должи и на спроведените мерки за поддршка на личната потрошувачка.
- Се забележува позитивен тренд кај придонесите кои растат со стапка од 8% или вкупно досега изнесуваат 31,7 милијарди денари. Ова е добар сигнал за движењата на пазарот на труд. Стапката на раст покажува дека мерките за поддршка за зачувување работните места во борба против КОВИД-19 кризата даваат резултат. Растот од 12% на овие приходи, покажува одлична респонзивност на стопанството на преземените мерки,. Во април и мај стапките беа 1,5% и -0.9%, што значи и тука има позитивни движења видно од месечните податоци.
- Расходната страна во првото полугодие бележи раст на годишно ниво, во најголем дел како резултат на преземените мерки во борба против КОВИД-19 кризата. Вкупните расходи изнесуваат 113 милијарди денари, што е зголемување од 9,9% на годишно ниво или 10,2 милијарди денари (46,7% од буџетираните расходи). Оправданоста за ваквиот пораст на расходите се содржи во исплата на: повисоки пензии, социјална помош, плати, како и поддршка за фирми и граѓани погодени од КОВИД во износ од околу 5,4 милијарди денари (88 милиони евра)
Дефицитот во буџетот во првото полугодие е остварен во износ од 25,9 милијарди или 3,8% од БДП, и е согласно проекциите, односно се одвива согласно динамиката која ја планиравме.
И покрај предизвиците со кои се соочува македонската екномија, во услови на справување со КОВИД, извршувањето на буџетот се одвива по план, а ликвидноста е обезбедена.
Целта на Министерството за финансии е да обезбеди континуирано извршување на Буџетот, без застој, во законски утврдените рокови:
- Вработените да земат плата,
- социјално загрозените да ги добијат навремено своите надоместоци,
- фирмите редовно да ги наплаќаат своите побарување кон буџетските коирсници, да нема заостанати обврски,
- како и навремен поврат на данок.
Тука се и мерките за КОВИД, поддршка која државата ја дава на граѓаните и фирмите, во согласност со можностите, преку домашната платежна картичка, преку субвенционраните плати и придонеси, преку одложувањата на плаќањата на даночните обврски. Останува обврската и одговорноста на државата да ги обезбеди и испорачува јавните добра и услуги до сите, особено сега, во овие тешки времиња.Очекуваме и во третиот и четвриот квартал од годината постепено опоравување на домашната економија, кое ќе биде поддржано од реализација на третиот сет на мерките наменети за заживување на економската активност.