Изјава за медиуми, Јагода Шахпаска, носителка во ИЕ 3
Кризата од корона вирусот покажа колку е важно јавното здравство.Пред три години наследивме руиниран здравствен систем со демотивираност и ниски плати на здравствените работници, зголемена смртност кај родилките и новороденчињата, континуиран недостаток од лекови и медицински потрошен материјал, сомнителен квалитет на лекови и инсулини, блокирани сметки на јавните здравствени установи и огромно незадоволство на пациентите од здравствените услуги.
За три години инвестиравме многу. Го зголемивме Буџетот на Фондот и Министерството за здравство за 30%, вработивме 780 лекари и 1.000 медицински сестри, ги зголемивме платите и надоместоците на сите здравствени работници до 40%, што никогаш досега не се случило.
Ги зголемивме надоместоците за дежурства, ноќен труд и дополнителна работа на здравствените работници. Додатокот за работа ноќе го зголемивме од 29 на 50%.
Се инвестираше во буџетот за ретки болести од 230 на 520 милиони денари, донесовме шест нови лекови за ретки болести, за кои пациентите беа приморани да одат да се лекуваат во странство. Се донесоа оригинални инсулини и две нови вакцини. Го зголемивме опфатот со вакцинација со 95% на територијата на целата држава.
Она што го постигнавме за три години, сигурни сме дека за 4 можеме уште повеќе и уште подобро.
Социјалдемократскиот сојуз во наредниот мандат продолжува со сериозни влогови во човечкиот капитал кој претставува најголем и најскап ресурс на здравствениот систем.
Затоа, ќе го продолжиме трендот на раст на плати на здравствените работници. Секоја година ќе ги зголемуваме нивните плати до 10%. Сите млади лекари кои се на специјализација и се надвор од Скопје ќе добијат 12.000 денари субвенција за решавање на станбеното прашање. Ќе го зголемиме бројот на специјализации.
Започнуваме голема инвестиција во здравствениот систем и ги зајакнуваме одделенијата за интензивна нега ширум земјата. Во следниот период со 33 милиони евра од Светска банка ќе ги опремиме сите одделенија за интензивна нега со модерна опрема, кревети, респиратори, рентген машини и сите останати потребни апарати за врвна здравствена заштита.
Ќе ги реновираме најстарите одделенија во болниците и ќе обезбедиме 70 нови возила за итна медицинска помош со три нови пункта на подрачјето на град Скопје.
Започнуваме со изградбата на нов, современ Универзитетски клинички центар во Скопје кој ќе обезбеди високо квалитетна здравствени услуги на населението во целата држава.
Ја унапредуваме грижата за пациентите . Комплетно ќе се избегне „шетањето” на пациентот заради административни причини на релација матичен лекар-специјалист-матичен доктор- аптека. Воспоставувавме целосно електронско здравство, без користење на хартиени форми на документи.
Продолжуваме со политиката „Лек во секое време и за секој пациент” т.е без квотите кои го загрозуваа здравјето на граѓаните. А покрај постојаното ажурирање на позитивната листа на лекови, додаваме поквалитетни и помодерни терапии со лекови.
Животот продолжува во новото нормално. Од нас како одговорни граѓани се очекува да носиме маска, да држиме дистанца и често да миеме раце/да се дезинфицираме. Така ќе се заштитиме и себе и најблиските околу нас.
Вирусот не штеди никој – никој не е имун.
Затоа продолжуваме да вложуваме во здравството, за помотивирани здравствени работници, позадоволни пациенти и уште подобар здравствен систем,кој може уште поуспешно да одговори на идните предизвици од корона вирусот.
Оваа е борба во која сме сите заедно и само заедно ќе победиме. Ние сите заедно „МОЖЕМЕ” уште подобро и уште повеќе!