Во посета на општина Дојран денеска престојуваше Соња Мираковска, носител на кандидатска листа во ИЕ 4 од коалицијата „Можеме”. На средба со градоначалникот Анго Ангов таа разговараше за подобрувањето на условите за развој на туризмот и за отворање нови плажи на дојранското крајбрежје.
Тие ја посетија дивата плажа во селото Николич, во близина на границата со Грција, за која Мираковска рече дека е еден од бисерите на Дојранското Езеро.
-Во рамки на она што коалицијата „Можеме” го нуди за развој на туризмот, Николич секако залужува повеќе инвестиции и повеќе внимание. Овде многу скоро ќе бидат развиени капацитетите кои ќе донесат туристи не само од Македонија, туку и од целиот регион затоа што местото има голем потенцијал во кој треба да вложиме средства и труд, рече Мираковска.
Градоначалникот Ангов рече дека веќе се обработува урбанистичкиот план и оти во скоро време дивата плажа во Николиќ ќе стане инвестициска зона во која ќе се постават туритички кампови.