Премиерот на Косово Авдулах Хоти соопшти дека од денеска ќе почнат да се применуваат новите мерки, донесени со цел да се спречи ширењето на коронавирусот.
Хоти вчера на прес-конференција објави дека во градовите со голем број заразени лица, меѓу кои се Приштина, Призрен, Урошевац и Вучитрн, ќе биде во сила забраната за движење од 21 часот до 5 часот наутро.
Тој прецизираше дека работата на рестораните во периодот кога е дозволено движење на граѓаните ќе биде ограничена само на услуга на отворено и испорака.
Хоти исто така рече дека ќе бидат обезбедени поголем број тестови, ќе се утврдуваат приоритети кој ќе се тестира, но и дека ќе се забрза постапката за набавка на уреди за тестирање, со цел примероците во Косово дневно да се обработуваат околу 500 тестирани.
Планирана е и целосна реорганизација на клиниките на Универзитетскиот клинички центар, како и ставање на располагање на приватни болници.