„Инстаграм, те молам престани да се обидуваш да бидеш Тик-ток!“ Корисниците на апликации, вклучувајќи ги Ким Кардашијан и Кајли Џенер, ја споделија оваа молба минатиот месец кога „Инстаграм“ тестираше промени што ги преплавија фидовите на корисниците со куси видеа наречени „рилс“ и содржини споделени од други луѓе.
Ова беше реакција на обидот на оваа социјална мрежа да ја оттргне генерацијата Z од „Тик-ток“ со имитирање на некои функции на апликацијата.
Генерација Z (Зет) се комуникативни, активни креатори на содржини на социјалните мрежи.
Раните платформи за социјални медиуми, како што се Мајспејс и Фејсбук, беа изградени на необичниот поим за „пријатели“, што ја отсликува реалната социјална мрежа на секоја личност. Но, немилосрдната динамика на економијата на вниманието значи дека платформите најпопуларни меѓу младите денес, Инстаграм и ТикТок, се исто така глобални арени за започнување на кариерите на инфлуенсерите. Содржината – не врската – е клучна, а алгоритамски оптимизираната виралност е метриката што одредува што гледате, пишува британски „Гардијан“.
Токму овој вид дизајн на апликации значи дека целиот свет може да ја следи еволуцијата на многу популарниот тренд на шминкање или да се приклучи на кампањата против 20-годишниот дизајнер на мебел од Бруклин кој лошо се однесувал со девојките на „Тиндер“.
„Тик-ток е како телевизорот на мојата генерација“, вели Дебора Мекензи (23) од Абердин. Таа и нејзините пријатели самите не објавуваат многу; повеќе се работи за прелистување туѓи содржини за да се пополни времето.
Уште една апликација која има приличен удел во виралните моменти е „Би-риал“ (BeReal), лансирана во 2019 година од француските претприемачи Алексис Барејат и Кевин Перо. Апликацијата бара од корисниците да снимат симултана слика на предната и задната камера секој ден во одредено време, во период од две минути.
BeReal, моментално број 1 апликација за социјално вмрежување во американската продавница за апликации на „Епл“, рапидно расте. Огромното мнозинство од 28-те милиони преземања се случија оваа година, според Business of Apps. Неговата популарност се шири надвор од студентската популација која првпат се приклучи, делумно благодарение на програмата за амбасадори и плаќање за пријава.