Британскиот министер за надворешни работи, Доминик Раб, денеска ги отфрли обвинувањата на Кина дека Велика Британија грубо се вмешала во нејзините внатрешни работи, по повод усвојувањето на новиот Закон за безбедност во Хонг Конг.
-Ова не е грубо мешање во внатрешните работи, рече Раб во интервју за Ројтерс. „Тоа е прашање на доверба и многу земји низ целиот свет прашуваат дали Кина ги исполнува своите меѓународни обврски”, рече тој.
Претходно, денеска кинескиот амбасадор во Лондон, Лиу Ксијаоминг ја обвини Велика Британија за грубо мешање и правење неодговорни проценки откако Пекинг го донесе новиот Закон за безбедност во Хонг Конг.
-Владата на Велика Британија продолжува да дава неодговорни забелешки за работите во Хонг Конг, им рече амбасадорот Лиу на новинарите на онлајн прес конференцијата, истакнувајќи дека понудата за добивање британско државјанство е грубо мешање во внатрешните работи на Кина.
Велика Британија соопшти дека кинеското наметнување на Законот за безбедност на Хонг Конг е јасно и сериозно кршење на Заедничката декларација од 1984 година и дека Лондон ќе им понуди на жителите од поранешната британска колонија пат до британското државјанство.