Од почетокот на епидемијата со Ковид-19 во Белгија за совети од лекар по телефон биле потрошени повеќе од 74 милиони евра, а властите подготвуваат законски измени, со кои консултациите од далечина од привремена би станале постојана можност, објавија белгиските медиуми.
Од почетокот на месецот просечно дневно се регистрирани од два до пет смртни случаи, со што бројот на починати од последици од новиот коронавирус се искачи на 9.776 лица. Додека дневно во просек се пријавуваат по 85 новозаболени лица, со што цифрата на вкупно инфициранио со Ковид-19 во Белгија изнесува 62.123 луѓе, што е индикатор на постојан, но спор пад.
Анкетите покажуваат дека граѓаните сакаат работата од дома да биде постојана мерка односно да им се овозможи на работниците еден до два дена во неделата да работат од дома.
Повеќе од 90 проценти од испитаниците изјавиле дека се задоволни од работата од дома и оти се поефективни. Пред пандемијата само половината од работодавачите дозволувале работа од дома.