За четири години, Германија прими околу 10.000 мигранти од турските бегалски кампови согласно договорот склучен меѓу Европската унија и Турција, објави весникот „Велт”, повикувајќи се на одговорот на Министерството за внатрешни работи на прашање од Слободна демократска партија. Весникот нагласува дека Германија, со голема разлика, е лидер во ЕУ по бројот на мигранти примени од Турција.
Според податоците на Европската комисија, од 4 април 2016 година до 16 март 2020 година, 28.835 мигранти се преселиле во Европа, согласно договорот со Анкара, од кои 9.967 – во Германија. Ова значи дека Германија прими двојно повеќе мигранти од Франција, која е на второ место по приемот на мигрантите од турските бегалски кампови. Договорот со Турција беше склучен откако таа земја прифати околу 3,6 милиони сириски бегалци.