Избрани трите нови летни сцени во Градскиот парк

Град Скопје во месец мај објави оглас за конкурс за избор на три партерни идејни решенија за „Летна отворена сцена“ на три локации во зелениот појас на Градскиот парк во Скопје. На конкурсот пристигнаа 13 трудови за понудените три локации: во близина на Езерце, во првиот дел на паркот; во близина на Сточарски институт и спроти Кајак кану клубот „Илинден 90“.

По разгледување на пристигнатите трудови, Комисијата за оценување за најсоодветни решенија ги избра трудовите со работна шифра „ОМММ“, „Коноид“ и „Конус“, и тоа за:

Локација број 1:  Површина во Градски Парк Скопје , која се наоѓа во првиот дел на паркот, односно во непосредна близина на езерцето – труд со работна шифра “ОМММ“. Овој труд овозможува долготрајност со минимални трошоци за одржување и минимален физички импакт во езерото со околината. Предложениот дизајн претставува кружна форма на сцената поставена во средина на езерото која ги обединува сите четири страни на езерото. На исток и запад галериски гледачки простор од мостовите, на југ према паркот ниско седење по должината на целиот брег и на север гледалиште во две нивоа, првото по должината на  брегот, второто по целата должина меѓу двете постојни скалила на падината од насипот за пешачката улица. Пристапот до сцената е преку минимално димензионирана рампа од јужната страна каде што има логистички најповолни услови за пристап и транспорт на опрема и на реквизити, со што се создава чувство/илузија дека северното гледалиште на две нивоа е главно гледалиште и дека сцената е ориентирана примарно кон него. Сцената е замислена како едноставна лебдечка плоча над езерото, со дијаметар од 12м и е наменета за изведба на различни културни активности и е поставена на само 20см над нивото на водената површина од езерото.

Локација број 2: Површина во Градски парк Скопје, која се наоѓа спроти Сточарски институт, –  труд со работна шифра „Коноид“. Ова идејно решение за сцената, гледалиштето, па и во однос на хортикултурното уредување, илуминацијата на просторот и материјалите кои се предвидени за ова архитектонско решение овозможува долготрајност и минимални трошоци за одржување.  Предложениот идеен архитектонски проект за отворена летна сцена во Градскиот Парк е воден од идејата за трансформабилност и приспособливост на сцената според различни сценарија на користење на овој простор со минимално влијание врз природата – тогаш кога има организирани настани на летната отворена сцена, но и тогаш кога нема организирани настани.

Сцената е составена од неколку делови и тоа од армирано бетонска бина или подиум подигнат 40см над теренот, челична носечка конструкција со два зглоба анкерувани во армирано бетонската подлога со челични папучи заварени за неа во кои налегнуваат дрвените талпи поставени како изводници на коноид врз челичната носечка конструкција. Гледалиштето во овој случај се оформува со преместување на трибините кои, во оној период кога нема организиран настан на сцената, се поставени околу стеблата на поголемите дрвја кои се наоѓаат на локацијата и имаат улога на урбана опрема, клупи наменети за посетителите на паркот. Капацитетот на гледалиштето на сите трибини со седење е за околу 250 лица. Во однос на хортикултурното уредување, предвидено е целосно зачувување на високото зеленило во постојната состојба. Илуминацијата на просторот е обезбедена преку лед светилки вградени во внатрешноста на елементите за седење, (трибините и коцките за седење). Материјалите предвидени за ова архитектонско решение се дрво, челик, бетон и лексан.

Локација број 3: Површина во Градски парк Скопје, која се наоѓа во вториот дел на Паркот, односно во непосредна близина на езерцето, спроти Кајак Кану клубот „Илинден 90, – труд со работна шифра „Конус“. Овој труд  во поглед на архитектонскотото решение за гледалиштето, сцената во вид на пресечен конус и употребата на материјалите за изработка, исто така,  овозможува долготрајност и минимални трошоци за одржување. Предложениот дизајн на сцената претставува една рамка во која како кулиса се појавува еден пресечен конус. Аудиториумот е вкопан со цел да се задоволат стандардите за непречено следење на сценската изведба. Гледалиштето обезбедува сместување на 403 гледачи на седење. Секој ред е со широчина од 160см и освен за седење може да се користи за понеформални собири и токму поради тоа не е предвидено поставување столчиња или друга опрема. Практично теренот е вкопан и нивелиран, а употребата на материјали е сведена на минимум, се со цел да се задржи природниот изглед на местото. Просторот е комплетно пристапен за лица со посебни потреби. Сцената е монтажна, комплетно изведена од челична конструкција. Кулисата која е во форма на пресечен конус се предвидува да биде изведена во бакар, а бочните страни на сцената од челична мрежа, обоена во бела боја.

Генералната оценка на Комисијата  е дека конкурсните барања се во голема мера запазени, односно дека е запазена и испочитувана  проектната програма, предложен е уникатен дизајн и предложени се материјали со долговечност за изработка. Исто така, предложените идејни решенија се одликуваат со високи естетски вредности, придонесуваат врз подобрување на културните навики на жителите на град Скопје и одлично се вклопуваат со непосредното опкружување.

Град Скопје  најдобрите трудови  ги наградува  со по 70.000 денари за секоја од трите локации и ќе склучи договори со избраните автори.

 

 

Треба да знаете
Последни објави