Повеќе протестни митинзи денеска се одржаа во Тулуз, Морлекс и Париз поради најавите за укинување на илјадници работни места во „Ербас”, „Нокиа”, „Хоп” и „Санофи”, јави дописникот на МИА.
Француското Министерство за труд денеска соопшти дека бројот на укинати работни места предвидени во социјалните планови од 1 март е двојно поголем во споредба со истиот период од 2019 година (27. 053 работни места наспроти 13.033).
Неколку илјади вработени во „Ербас” утринава протестираа во предградието на Тулуз против планот за намалување на работни места најавени од производителот на авиони, со кој се загрозуваат 5.000 работни места во Франција, од кои само во Тулуз се 3.500.
„Нокиа”, исто така, планира намалување на бројот на вработени во француските фабрики за 1.233 лица, од кои 402 во Ланион и 831 во Нозе. Вработените во оваа компанија денеска протестираа во Париз.
Во „Ер Франс”, исто така, се забележани превирања, па околку стотина лица се собраа во Морлекс, пред регионалната подружница на компанијата, каде се вработени 280 лица, во знак на протест против нејзиното затворање. Во оваа подружница создадена во 2013 година од спојувањето на компаниите „Брит Ер”, „Регионална” и „Аирлинаир”, 40 отсто од приближно 2.400 работни места мора да бидат укинати. Поради кризата со Ковид-19, групата „Ер Франс” планира да намали повеќе од 7.500 работни места до крајот на 2022 година, како дел од својата нова стратегија, од кои околу 6.500 во рамките на француската компанија и над 1.000 во рамките на нискобуетната „Хоп !”.
„Санофи” објави дека сака да намали до 1.700 работни места во Европа, од кои околу илјада од вкупно 25.000 вработени во Франција, иако продажбата на лекови прозиведени од „Санофи” е засилена во првиот квартал со здравствената криза.