Во организација на здружението Естима денеска се одржа вториот настан од серијата онлајн дискусии за НАТО насловен #LetsTalkNATO.
Како што соопштија организаторите, воведни обраќања на настанот имаа амбасадори од три НАТО држави-сојузнички во Скопје на САД Кејт Мери Брнз, на Обединетото Кралство, Рејчел Галовеј и на Албанија Фатос Река. Тие се осврнале на скорешното пристапување на Република Северна Македонија во НАТО, на одговорностите и на привилегиите што ги носи членството, како и актуелните безбедносни предизвици за регионот.
-Освен тоа, стана збор за процесот на постојана еволуција на НАТО како организација која 70 години останува релевантен и моќен чинител на светско ниво, предизвиците кои ќе бидат актуелни во следната деценија и натамошниот стратешки пристап на НАТО насочен кон гарантирање на безбедноста на сојузниците и партнерите, се посочува во соопштението.
Говорниците ги споделиле нивните размислувања во врска со темелните вредности што треба да ги почитуваат државите членки, заканите кои доаѓаат од други државни и недржавни актери, неопходните финансиски инвестиции и реформите кои треба да се спроведат за модернизација на безбедносните сили и другите државни институции, со цел подобро справување со безбедносните ризици, но и останатите актуелни прашања кои имаат потенцијал да прераснат во предизвици доколку не се понуди соодветен одговор, како што се миграциите, климатските промени, здравствените кризи итн.
Учесниците зборувале и за Резолуцијата 1325 на Советот за безбедност на ОН, како клучна алатка за обезбедување поголемо учество на жените во надворешната, безбедносната и одбранбената политика, како и нејзината примена во Република Северна Македонија.
Во дискусијата се вклучиле и претставници на државни институции, граѓански организации и други чинители кои се активни во области поврзани со надворешната и безбедносната политика од земјата и регионот.