Вечерва претседателот на СДСМ Зоран Заев се обрати на трибина во Прилеп, заедно со носителката на листата Соња Мираковска, и кандидатот за пратеник од Прилеп Миле Талески.
„Денеска вистински патриот е тој што ги враќа парите кон нашиот народ. Тој што ги враќа парите кај граѓаните, во семејните буџети. Економски патриотизам е зголемување на минималната плата на 20.000 денари. Тоа е за 120% повеќе од оние 9.000 денари месечно што ги наследивме од ВМРО-ДПМНЕ. Економски патриотизам е зголемување на просечната плата на 34.000 денари, до крајот на мандатот”, потенцираше Заев осврнувајќи се на понудата на СДСМ и коалицијата „Можеме” за следните 4 години.
„Платите во здравството ги покачуваме секоја година за 10 отсто или вкупно 40 отсто до 2024 година, за лекарите да бидат мотивирани уште повеќе и уште подобро да се грижат за нас. Пензиите продолжуваат да растат. Имало пари во државата, само не одат на будалштини и на непродуктивни трошоци како порано”.
Осврнувајќи се на понудата на ВМРО-ДПМНЕ и нивниот нечесен однос, Заев додаде:
„Ги слушам како зборуваат и плукаат по Тутунскиот Комбинат Прилеп, а само две важни не кажаа дека тутунот никогаш немал повисока и никогаш немал постабилна откупна цена. Уште пред три години ги зголемивме субвенциите. Не кажаа дека пред три години, пред тие да бидат сменети од власт 93 милиони евра должеше тутунскиот комбинат, 93 милиони. Сега е рентабилен, добивка покажа тутунскиот комбинат, дава редовни плати, секој пат е тука да го откупи тутунот кога ќе треба за да може да балансира. И тоа како не сме исти”.