На 15 јули граѓаните ќе гласаат за бројот 3 и ќе одберат да продолжиме на правиот пат, кон Европската унија и НАТО и нема да дозволат обнова на режимот и изолација, порачаа носителите на кандидатската листа на коалицијата „Можеме” во изборната единица пет Радмила Шекеринска и Јован Митрески, како и кандидатката за пратеник од Демир Хисар Марија Кочовска, на граѓанската трибина во Демир Хисар.
Во 2016 година ни се случи власт која изгубила да не сака да замине, Груевски го нема, ама неговиот дух, неговите наредби, неговата омраза уште ги храни, уште стои позади нив, тоа се луѓето кои беа спремни да ги убијат легално избраните пратеници во Собранието, да ја воведат државата во граѓанска војна и сега ја бараат довербата на граѓаните, истакна заменик претседателката на СДСМ Радмила Шекеринска.
За 2,5 години покажавме дека кога се сака се може и да се влезе во ЕУ и НАТО и да се враќаат парите кај граѓаните и да се намалат трошцоите и да се простат 10 милиони евра стари неплатени долгови, не плаќавме за стиропор кој глуми мермер, туку ги враќавме парите кај граѓаните, истакна Шекеринска. На 15 јули одлучуваме и за тоа дали на луѓето околу Мицкоски ќе им дадеме да експериментираат со јавното здравје, тоа се луѓето, кои во јавното здравство оставија пустош, не оставија без доктори и медицински сестри или ќе продолжиме од каде што сме денес, ќе вложуваме во повисоки плати за лекарите и здравствениот персонал, дали ќе бидеме подготвени кога кризата повторно ќе удри, порача Шекеринска, додавајќи дека за време на коронакризата ние 550 милиони евра од буџетот пренасочивме во фирмите и во семејните буџети, 320.000 граѓани добија картички со вкупно 28 милиони евра да ги трошат на домашни производи.
Стојам пред вас и ја барам вашата доверба, за да го завршиме започнатото, да завршиме со изградба на правна држава, да обезбедиме ред и поредок, како што влеговме во НАТО, така да влеземе во Европската унија и постојано да ги враќаме парите кон граѓаните за да обезбедиме посилна македонска економија, им се обрати Шекеринска на демирхисарци, додавајќи дека на 15 јули треба да се одговори на прашањето дали сакаме да се вратиме во држава, во која многумина се плашат, а неколкумина владеа со сила и насилство, закани и уцени.