Охридскиот, Преспанскиот и Договорот за добрососедство со Бугарија се алфа и омега за мирот, стабилноста и безбедноста во земјава, како и црвените линии штп ДУИ нема да ги премине во постизборното коалицирање.
Ова во интервју за МИА го порача лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој потенцира дека не може да имаат партнерство со некој што има цел или прави обиди за прекршување на овие договори, кои,како што рече, ги релаксирале меѓуетничките односи во земјата.
– Значи, секој што се обидува да ги прекрши овие договори на кој било начин, не може да биде партнер со нас, затоа ние сме многу отворени и искрени и го направивме предупредувањето навремено, порача лидерот на ДУИ, кој во интервјуто за МИА се осврна и на мотото под кое неговата партија настапува на овие парламентарни избори – прв премиер Албанец.
Зошто со оваа идеја, која предизвика полемики во јавноста, Ахмети вели дека таа е природен континуитет на политиките што ги воделе, односно поставување Албанци на високи позиции од директори, министри, претседател на Собрание…
Вели и на претседателските избори излегле со свои предлози за шеф на државата, но тогаш процениле дека Пендаровски ќе биде поприфатлив кандидат и целосно се ангажирале тој да ја добие поддршката.
– Ние направивме чекор и сега е време кога треба да ни возвратат со исто. Овие чекори сме ги презеле во оваа насока со најдобра намера, да им упатиме порака на граѓаните и на сите луѓе дека земјата напредува само кога сме во комуникација и соработка едни со други, а не кога сме поделени, вели Ахмети за МИА.
Смета дека идејата за прв премиер Албанец е добра порака и за регионот и за меѓународната заедница – дека интересите на оваа држава заедно со Македонците ги штитат и Албанците, како два најголеми етникума.
– Ова е придобивката на сите и на државата, но ние не се разочаруваме од овие изјави или изјаснувања, но ги сигнализираме да бидат внимателни затоа што ваквите изјави се опасни, независно од тоа дали тие навистина мислат така. Некој може да рече дека е кампања, но јас не можам да ги проголтам толку лесно, затоа што ме изненадуваат дури и овие нашите, дека ова ДУИ наводно го користи за да го подобри имиџот, ДУИ нема зошто да го подобри имиџот, нема зошто да ја збогатува нејзината историја, бидејќи доколку има политичка партија со долготрајност на овие простори независно од тоа што е создадена на почетокот на 21 век тоа е ДУИ, вели Ахмети во интервјуто за МИА.
Додаде дека со години прави обиди да се избегне парцијализирање на Албанците во земјава во многу партии, бидејќи, како што посочи, така губат мандати, ја губат силата.
– Времето покажа дека моите грижи беа исправни, пред четири години од 29 мандати колку што имаа Албанците во Собранието на Македонија, паднаа на 20 мандати и со тоа не ги изгуби ДУИ изборите, туку Албанците изгубија девет мандати, вели Ахмети во интервјуто за МИА.
Во продолжение следува целото интервју со претседателот на ДУИ, Али Ахмети.
Г. Ахмети, изборната кампања е при крајот, накратко кои се петте главни проекти што ќе ги натераат граѓаните да гласаат за ДУИ на изборите на 15 јули?
– Знаете, проектите се многубројни и ме ставате во позиција од сите тие проекти да набројам пет, како што велите вие, но би било многу важно за нас да го завршиме започнатиот проект за гасификација на земјата, затоа што од овој проект има многу придобивки, а особено ќе има директно влијание врз зачувувањето на животната средина и е еден од приоритетите од посебно значење. Исто така, и заокружувањето на Коридорот 8, кој започнал, но поради многу технички причини, одвреме-навреме, работите престанувале, а се од голем интерес за правецот од Кичево до Ќафасан и Охрид, исто така од посебно значење е и завршувањето на патот Скопје – Блаце, каде што беше поставен побараниот камен-темелник, но поради разликите меѓу страните, беше поставен камен-темелник од компанијата што треба да ја изврши работата, а останаа и некои други спорни прашања како онаа со имотите и се надевам дека и ова ќе се заокружи. Исто така е исклучително важно за сите нас да се согласиме дека и покрај изјавите дадени во јавноста, ветингот е едно од прашањата за кои инсистираме, да се воспостави реален ветинг без да се прејудицира и да се бара одмазда, туку во земјава да владее правото и да нема селективно судство, да има кредибилно судство и сите креатори на политики, законодавци, спроведувачи на законот да бидат ставени на скенер. Понатаму за нас е особено важно да се почитуваат Охридскиот договор, Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство и да влеземе со добро подготвен ум за примена на стандардите за да ги извршуваме нашите домашни задачи и да ја зачлениме земјата побргу во ЕУ како што влеговме во НАТО.
На овие парламентарни избори вашата водечка идеја е првиот премиер Албанец, предлог што предизвика доста полемики во јавноста. Вие излеговте со Насер Зибери за прв премиер. Зошто сега се решивте на овој чекор?
– Овој проект не е проект што произлегол на самото место или затоа што му текнало некому штом зазори зората. Овој проект датира од 17 декември 2009 година на Конгресот, кога беа дадени 12 високи државни функции како цел каде Албанците никогаш немале пристап, од претседателот до директорот на државната безбедност и ние постапивме чекор по чекор реализирајќи ги сите оние точки што сме ги поставиле.
Постигнавме да добиеме министер за одбрана, министер за внатрешни работи, претседател на Собранието, државен правобранител, народен правобранител, претседателот на Врховниот суд, Уставниот суд, без да ги споменувам годините, како се случија овие функции по нивниот редослед – претседател на Уставниот суд, народен правобранител, министер за одбрана и за внатрешни работи и сите тие беа успешни, а тоа е стратегијата на ДУИ и ние не ги ставаме внатрешните стратегии на пазарот да видиме кога ќе отвориме прашања кои добро сме ги анализирале и го цениме вистинскиот момент, како една идеја ќе излезе на површина. Сме го нашле вистинскиот момент, кога порано го отворивме како прашање консензуалниот претседател и работевме со најголемата искреност на оваа идеја, сум разговарал со двете македонски партии во тоа време за оваа идеја, има некаде седум – осум години, но во тоа време немаше подготвеност и не учествувавме во тој процес и Иванов беше избран еднострано. Ја оспоривме неговата едностраност затоа што тој не се докажа пред заедницата како достоен претставник на државата и времето покажа дека нашите предвидувања се потврдија за време на неговиот мандат. Сега на последните претседателски избори разговаравме многу отворено со коалицискиот партнер и отсекогаш сме размислувале дури и кога беше избран Иванов, и последно кога беше избран Пендаровски, сме разговарале отворено со партнерите во тоа време со Груевски, па и со Заев иако беше во опозиција во тоа време, и јас бев подготвен да направам партнерство што се однесува до претседателот, но немаше подготвеност и предложив конкретно име, односно универзитетски професор кој денес мислев дека ќе биде прифатлива фигура и за Албанците, но не немаше подготвеност.
Сега со изборот на Пендаровски, повторно предложивме личност од академскиот живот, имаше неколку предлози, неколку имиња и ценевме дека господинот Пендаровски ќе биде поприфатлив и се ангажиравме со најголемата искреност и згора на тоа му направивме одек и како порака за граѓаните од земјава, така и за регионот и меѓународната заедница, бидејќи е невозможно за нас како Албанци да избереме претседател овде затоа што претседателот се избира со директно гласање и доколку има такви договори, ние даваме докази или факти, како што дадовме доказ со г. Пендаровски. Ние направивме чекор и сега е време кога треба да ни возвратат со исто. Овие чекори сме ги презеле во оваа насока со најдобра намера, да им упатиме порака на граѓаните и на сите луѓе дека земјата напредува само кога сме во комуникација и соработка едни со други, а не кога сме поделени.
Кога сме тука, претседателот на СДСМ, Зоран Заев, на некои негови настапи во дебати и собири вели дека е здраво ДУИ да оди во опозиција со цел да се реформира однатре? Но, сепак, тој не ја исклучи евентуалната коалиција со ДУИ по изборите, но само доколку се откажете од идејата за премиер Албанец. Која е вашата оценка во однос на ова?
– Не сум помислил дека ова толку многу ќе ги уплаши моите македонски колеги. Излегувањето и влегувањето на ДУИ во трката за премиер мошне ме изненадија и ме разочараа и на некаков начин токму ваков хегемонистички настап, зошто да не кажам помалку со фашистички нијанси, кога вели, јас сум премиер, никој друг не може да биде премиер, ова е отворена трка, ова е легитимно право, природно право, ние сме државјани на оваа држава, ние ја имаме нашата историја тука, ние го имаме нашето наследство тука, ние сме косопственици во оваа земја… Кога даваат такви изјави може не се свесни што всушност содржат во суштинате или внатре тие изјави, но овие мирисаат и имаат доста тешка боја и се надевам дека тие ќе се рефлектираат и тоа не е добро. Тоа е хегемонистички пристап да кажеш дека јас ти давам 13 пратенички мандати и состави малцинска влада, за да не бидеш условен од Албанците и тоа не може да се квалификува поинаку освен како обид да се воспостави хегемонизам бидејќи од хегемонизмот настрадале народите на поранешна Југославија и вие сте млади, но хегемонистичките политики биле тие што демолирале и уништиле цела една држава на Балканот и треба да бидеме многу внимателни, бидејќи поддршката ние ја создаваме самите, затоа што и ние и излегуваме во пресрет на оваа држава и ние сме заедно во оваа држава за да ги туркаме процесите напред. Тоа е добра порака и за земјите од регионот и соседните земји и меѓународните претставници, оваа трка со еден премиер Албанец – значи пораката за регионот е дека интересите на оваа држава ги штитат заедно со Македонците и Албанците, како два најголеми етникума. Ова е придобивката на сите и на државата, но ние не се разочаруваме од овие изјави или изјаснувања, но ги сигнализираме да бидат внимателни затоа што ваквите изјави се опасни, независно од тоа дали тие навистина мислат така. Некој може да рече дека е кампања, но јас не можам да ги проголтам толку лесно, затоа што ме изненадуваат дури и овие нашите, дека ова ДУИ наводно го користи за да го подобри имиџот, ДУИ нема зошто да го подобри имиџот, нема зошто да ја збогатува нејзината историја, бидејќи доколку има политичка партија со долготрајност на овие простори независно од тоа што е создадена на почетокот на 21 век тоа е ДУИ. ДУИ е политичка партија со најбогата историја и со најголема поддршка кај Албанците и овој потег не сме го направиле ниту за да го зголемиме влијанието ниту, пак, стравуваме за сопствениот опстанок. Не е толку лесно Албанците да ја заборават својата историја и носител на историјата во две децении и на најновата историја на Албанците во Македонија се ОНА и ДУИ, како продолжение, но организирано во еден фронт или политичко движење во насока на спроведување и материјализирање на идеалите и мисиите на националната преродба и на сите патриоти кои дале голем придонес во оваа земја.
Вие сте носител во Шестата изборна единица. Таму заедно со вас во трка се и г. Села и г. Касами, кој е во предизборна коалиција со вашиот досегашен партнер СДСМ. Кои се вашите очекувања во однос на поделбата на гласовите, вие постојано алармирате на парцијализирање на албанските гласови. Ќе се случи ли тоа овој пат?
– Ова е за жалење, има неколку години како правам напори дури со молење со цел Албанците да не бидат поделени и парцијализирани во многу партии, бидејќи губиме мандати, ја губиме силата. Времето покажа дека моите грижи беа исправни, пред четири години од 29 мандати колку што имаа Албанците во Собранието на Македонија, паднаа на 20 мандати и со тоа не ги изгуби ДУИ изборите, туку Албанците изгубија девет мандати. Така што сметам дека последици ќе има и сега од оваа парцијализација, но ќе биде малку поинаку од 2016 година, кога беа последните парламентарни избори. Мислам дека нашите позиции се издржливи, Албанците се благодарни, ја ценат работата што е направена. Тоа не значи дека се направени и заокружени сите работи и прашања, имаме уште работа за извршување и сметам дека со овие капацитети, со овие кадри со овие луѓе кои ги има ДУИ навистина сум многу, многу уверен дека ќе успееме во насока на застапување на Албанците во сите институции на државата.
Во интервјуто за МИА, претседателот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, ве нарече вас и ДУИ сезонски Албанци и го опиша вашиот предлог за премиер Албанец како обид за да се задржат гласачите, како и обид за ублажување на поразот што ќе го претрпите на овие избори?
– Јас не знам на што мислел тој. Да ја наречеш ДУИ сезонска, ми изгледа како квалификација која нема никаква основа. Да ги освоиш изборите 18 години по ред и да ја добиеш довербата на огромниот дел од Албанците на овие простори, а Зијадин Села за пет години има пет срамни порази со ДУИ, како на локални така и на парламентарни избори и да ја наречеш сезонска, јас не знам сега, но нека оцени јавноста, нека оценат колумнистите, аналитичарите… ДУИ ги врши своите работи, ги гледа своите работи без навреди, без пцости, ние ја гледаме својата работа, не гледаме што прават другите, чадот на оџакот ни оди право и не се грижиме за грижите на другите, ние си ја гледаме нашата работа.
Во вашиот говор пред граѓаните на Струга вие рековте: „Ние го донесовме Скендер-бег, зошто да не и премиер Албанец” и изјавивте дека постои страв од идејата за премиер Албанец. Кој тоа стравува и зошто од премиер Албанец?
– Не треба многу за да се трага кој има страв, дури јас сум рекол дека им се тресат нозете бидејќи тоа отворено се виде на масата каде беа Зоран и Христијан. Зоран му се обрати на Христијан, јас ќе ти дадам 13 мандати за премиер, беше така, нели, и јавноста го виде тоа, дај ми ти како ВМРО шест мандати за да направи малцинска влада, но да не бидеме условени од Албанците за премиер, што значи дека овие се уплашени и да не беа во паника немаше да биде тема веќе две недели колку што трае кампањата. Се крена паника г. Зибери да не биде повикан на соочување на македонските телевизии и се условуваат националните телевизии во Македонија дека доколку биде повикан Насер Зибери, нема да учествува Зоран Заев. Зошто се случува ова, слушнав едно оправдување на едно место, но во недостиг на време не успеав да му одговорам дека наводно г. Зибери не е кандидат на листите и поради тоа не може да биде дел од дебатите со двајцата кандидати. Г. Мицкоски дали е дел од листите, не, тој не е дел од листите. Дали гледате какво диференцирање и каква неправда се врши во трката за премиер. Зошто Македонците да не знаат кои се проектите и визиите на г. Зибери за раководење, за владеење со оваа земја, и треба да знаат. Не е мала работа, не е мала трка, не е мал субјект, тој што стои зад г. Насер Зибери, туку субјект кој се докажал и дал многу, е камен-темелник во оваа држава.
Кои се вашите опции за постизборна коалиција? Вие поставивте црвени линии – не за коалиција со оној што не го почитува Охридскиот договор, Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија. Дали тоа автоматски значи дека коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ не може да претставува опција?
– Ние сме одговорен субјект и на сите им ги презентираме работите кои се важни за нас. За нас, Охридскиот договор, Преспанскиот договор, Договорот за добрососедство со Бугарија се црвени линии. Не може да има партнерство ако некој има цел и се обиде да ги прекрши овие договори. Овие договори ја одведоа земјата кон членство во НАТО, доведоа до отворање на преговори со Европската Унија, овие договори ги релаксираа меѓуетничките односи во земјата, така што тие се алфа и омега за мир, стабилност и безбедност. Значи, секој што се обидува да ги прекрши овие договори на кој било начин, не може да биде партнер со нас, затоа ние сме многу отворени и искрени и го направивме предупредувањето навремено.
Досега не сме виделе да го коментирате граѓанскиот концепт „Општество за сите”. Дали мислите дека во иднина оваа може да биде добитна комбинација?
– Се виде колку беше искрен овој концепт, сметам дека маските брзо паднаа во оваа кампања. Вие се повикувате на ваков концепт и излегувате на ТВ и отворате дебатата дека ќе дадете толку мандати или дај ми толку мандати, само за Насер Зибери да не стане премиер, и правите толку ниска диференцијација со тоа дека Мицкоски не е на списокот за кандидат за пратеник, и овие причини неосновано ѝ ги претставуваш на јавноста, дека Насер Зибери не е на нашата листа. Па затоа ние не дебатираме, ова наликува на понижување и навреда за нас Албанците, а камоли да зборуваме за општество за сите.
Епидемијата на Ковид-19, почитување на протоколите, поголема употреба на социјалните мрежи за промоција… но сè уште не се откажуват директните средби со граѓаните. Дали сте загрижени дека на овие средби, кои треба да се одржуваат согласно протоколите, можеби работите ќе излезат од контрола?
– Што се однесува до епидемијата, имавме свои двоумења и конечно побаравме експерти од областа да бидат вклучени и тие да дадат свои конечни проценки. Откако се убедивме дека органите, луѓето од теренот, специјалистите од областа со детални анализи, дадоа објаснувања и ја презентираа целата стратегија, тогаш дадовме зелено светло за организација на изборите и јас сум многу сигурен дека ако се почитуваат сите протоколи, нема да има никакви последици, а граѓаните треба да се чувствуваат безбедно затоа што се преземени сите мерки од страна на Здравствениот инспекторат и специјалистите од одредените области.
Малку хипотетичко прашање… Колку мандати сакате да освоите на овие парламентарни избори и дали очекувате овој број да биде едноцифрен или двоцифрен?
– Не сакам да им се придружам на редовите на лидерите на политичките партии кои се победници, и Албанците треба да бидат како Кина во Македонија, секој ќе добие пратеници, но ветувам дека ДУИ ќе победи на изборите и во сите анкети се класифицираат високо, има поддршка од гласачите, од гласачкото тело, и ве уверувам дека следната победа не е далеку, на 15 јули.
За крај, вашата порака до читателите и гледачите на МИА.
– Горд сум на работата што ја работите, гледам многу суштински вести во сите албански медиуми на кои извор е МИА, и ви посакувам здравје и успех, но треба да го зголемите бројот на специјалисти, бројот на професионалци. Ова е ваша работа, ваша одговорност, вестите што ги гледам во другите регионални медиуми се навистина професионални. Но, тоа не значи дека треба да застанете, туку дека морате да работите уште понапорно, исто како што треба да работиме и ние. Никогаш не треба да бидеме задоволни со работата што ја правиме. Ви благодарам за вашето време.