Државната кoмисија за спречување корупција на денешната седница одлучи да отвори предмет за владината парична помош на здруженијата и фондациите како дел од мерките за справување со кризата од коронавирусот, а по приговорот поднесен од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија”, во кој се наведува дека е прекршен Изборниот законик со исплата на пари во време на изборна кампања.
– Исплатата на одобрените средства е на 1-ви јули и е во период на изборна кампања и претставува повреда на член 8 а став 1 алинеја два од Изборниот законик и член 43 од Законот за спречување корупција и судир на интереси. Поради тоа согласно нашите мерки се предлага да се покрене постапка пред надлежни органи за одговорносто лице при Генералниот секретаријат, оценија од ДКСК.
Од владиниот Генерален секретаријат пред антикорупционерите појаснија дека исплатата извршена на 1-ви јули е врз одлука донесена на 13-ти јуни и од тие причини сметаат дека се работи за извршување на веќе донесена одлука.
Од ДКСК посочија дека одлуката можело да биде донесена претходно, но исплатата требало да почека, да се одложи и да се оствари по завршување на изборите.
На сметка на здруженијата и фондациите кои ги исполниле условите за да добијат помош легнале околу 30 милиони денари.