Денешната одлука, резултат на политичката волја на претседателот (Реџеп Тајип) Ердоган е отворена провокација кон целиот цивилизиран свет, кој ја признава уникатната вредност и универзалноста на споменикот, наведе грчката министерка за култура Лина Мендони во писмената изјава за одлуката Света Софија од споменик да стане џамија.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, Мендони истакна дека никој не се обидува да се меша во внатрешните прашања на Турција, но оти Света Софија, што се наоѓа на турска територија е споменик на човештвото, независно од религијата и додаде дека Ердоган ја враќа земјата шест векови назад и „избира културна изолација за земјата”.
Шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас за време на видеоконференциската средба со министрите за надворешни работи од Европската народна партија, истакна дека денешната одлука на турскиот суд, претставува провокација за светското културно наследство и за УНЕСКО.
– Ги известив моите колеги за одлуката што го поништува декретот на Кемал Ататурк од 1934 година, за заштита на Света Софија со претворањето во музеј, што претставува провокација за светското културно наследство, како и за УНЕСКО, напиша Дендиас на Твитер.
Преку Твитер реагираше и министерот за надворешни работи на Кипар, Никос Христодулидес, кој ги осуди постапките на Турција.