Претседателот на Народната партија и еден од лидерите на Сојузот за Србија (СзС) Вук Јеремиќ изјави вечерва дека СзС нема да ги „преземе” граѓанските протести кои се одржуваат низ земјата.
Тој за телевизијата Н1 истакна дека на вечерашниот собир пред зградата на српскиот Парламент во Белград дошол како граѓанин поради „арогантниот настап на Александар Вучиќ”.
– Сите кои сакаат промена на системот треба да ги надминат разликите и како граѓани да се придружат на протестот, а доколку собирот продолжи, ќе донесе и политички резултат, нагласи Јеремиќ.
Тој оцени дека актуелната власт „единствено нема одговор на мирни протести”, повикувајќи ги граѓаните мирно да протестираат.
Претходно, шефот на државата Александар Вучиќ изјави дека неговите политички противници ги организирале насилните протести во изминатите денови, додавајќи дека доколку продолжат ќе биде тешко да се спречи ширењето на новиот коронавирус во земјата.
– Тие го користат коронавирусот за свои политички аспирации. Немам проблем со протестите. Проблем е што тие станаа насилни, бидејќи опозицијата нема решение, нема што да му понуди на народот, нагласи Вучиќ.