Доставени картичките за „зелена нафта” во Струмичкиот регион

Во Струмичкиот регион денеска беа доставени картичките за „зелена нафта” за сите нови корисници од овој регион, односно за сите оние кои за првпат годинава ја користат мерката, оние кои ги оштетиле или изгубиле претходните картички.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски изјави дека веќе од почетокот на следната недела, преку подрачните единици на МЗШВ, ќе се поделат и останатите нови картички во сите региони во државата. Тој рече дека оние кои веќе имаат картички од лани, по автоматизам ќе бидат надополнети и ќе може да почнат со користење на картичките, односно да точат „еуродизел за земјоделска механизација”.

– Преку оваа мерка, во овој момент опфаќаме околу 51.000 земјоделци. Вкупната поддршка за оваа мерка изнесува 224 милиони денари. Ова се сериозни средства кои ги враќаме кај земјоделците токму во време кога имаат и најмногу активности на поле. Со оваа мерка, која што за првпат ја воведе Владата од минатата година, се придонесува за намалување на производствените трошоци, земјоделското производство е одржливо, а кај земјоделците остануваат повеќе пари, посочи Димковски.

Тој информира дека право на користење на оваа поддршка имаат сите земјоделци кои биле корисници на субвенции по Програма 2019 година. – Кој колку пари ќе има на платежната картичка зависи од големината површините и земјоделските култури за кои конкурирале земјоделците за субвенции во 2019 година, рече тој.

Димковски информира дека лани кофинансирањето на трошоците за набавка на „зелена нафта” за земјоделска механизација беше 30 отсто, додека оваа година поддршката е зголемена на 50 проценти.

– Безготовинската зелена картичка е персонализирана и е наменета за набавка на дизел гориво на која било бензинска станица на АД „Макпетрол” на целата територија. Со картичката не може да се подигаат пари или да се купуваат други производи. Картичката може да се користи повеќекратно се до исцрпување на средствата. Од првото точење на гориво, земјоделците добиваат сметка на која може да видат уште колку средства имаат на располагање на картичката, истакна Димковски.

 

 

Николче Бабовски, директор на Платежна агенција истакна дека земјоделците кои имаат картички од лани, ќе може да точат еуродизел гориво веќе од понеделник по 10 часот.

– Исто така, и земјоделците кои првпат годинава стекнаа право за добивање на картичка за „зелена нафта” веќе од понеделник ќе може да одат во подрачните единици на МЗШВ и да ги подигнат зелените картички. Во овој период земјоделците имаат најмногу трошоци за гориво затоа што сме во екот на берба, на жетва. Преку зелената картичка влијаеме да се намалат давачките за гориво кои ги имаат земјоделците, нагласи Бабовски.

Треба да знаете
Последни објави