Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вечерва од завршниот собир на партијата за овие предвремени парламентарни избори на 15 јули порача дека противникот, СДСМ, паѓа затоа што лажеше. Мицкоски рече дека гласот за Игор Јанушев во ИЕ 3 е и глас за Македонија, а овие избори се крстосница на која одлучуваме за нашата иднина, за Македонија.
„Ова не е обична кампања, ова се избори за тоа каква Македонија сакаме да имаме, друга татковина немаме. А тие имаат, си го селат капиталот затоа ќе им порачам нема компромиси со правдата. Пред законот ќе одговара секој што се огрешил“, рече Мицкоски.
Мицкоски најави дека ВМРО-ДПМНЕ по 16 јули ќе изгради силна држава во која власта ќе работи за народот, најави дека следат промени кои ќе донесат обнова.
„Сега што имаме? Имаме трас-трас судски одлуки, не е живот кога првите луѓе од власта прават рекет, ова е битка на правдата против неправдата. На овие избори ве молам добро да размислите, гласот за ВМРО-ДПМНЕ е за подобро утре и обнова. Од вашата одлука зависи дали ќе заминат тие кои ве разочарале. Со негласање им давате право на оние кои ве разочарале да продолжат со истото. Нема идеална влада, но ви давам збор ќе работиме. Коцкање е кога му давате шанса на оној кој ве разочарал, не верувајте на нивната пропаганда да зборат за минатото, со тоа сакаат да избегаат од нивните грешки“, кажа Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека Заев и СДСМ остануваат во минатото и се осврна на она што следи.
„Денес е надојден Вардар ги носи сите злодела, корупцијата… Многу луѓе ни приоѓаат, а јас сакам да кажам дека вратите се отворени на ВМРО-ДПМНЕ за сите. По победата мора да си ја обновиме земјата, не смееме да се помириме со просечноста.
Се обврзувам пред вас на обнова која ќе донесе повеќе пристоен живот, повисоки плати, повисоки пензии, ќе донесе време во кое земјоделците ќе имаат достоинството, пред бизнисмените се обврзувам дека ќе има услови за бизнис, ветувам општество во кое ќе има право и правда. Не смееме да дозволиме криминалците да поминат неказнети“, рече Мицкоски.
Мицкокси испрати порака до оние кои се разочарани од политичарите дека не се сите исти.
„Ние сме различни, а ова е последна шанса за спас на Македонија. Да го сопреме губењето на Македонија, затоа гласајте за Македонија, гласајте за број 14. Сега е важно да се слушне вашиот глас. Овој период на кампањата беше моја борба за сите, за Македонија. По 16 јули продолжувам да се борам за Македонија“, порача на крајот во своето обраќање претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски.