Катица Јанева е самата виновна што била наивна и влегла во толку глупости, рече лидерот на СДСМ во вечерашното гостување во „Само интервју“ на Канал5.
Заев коментарот за Јанева го даде на забелешката дека на власт дошле со паролата „Нема правда, нема мир“, но дека на тој план не постигнаа тоа што се очекуваше, па така зошто би верувале граѓаните дека сега ќе го оствари тоа.
Законите за обвинителството и судството се донесени и патот за реформи е отворен. Во првите сто дена ќе почне процесот на прочистување на судството за што ќе се формира специјална комисија која ќе вклучи и меѓународни експерти. Од денешна перспектива и покрај сите опструкции СЈО поднесе 18 обвиненија, заврши многу истраги и предистраги. Поради тоа имав доверба во нејзината работа, но секако дека сум разочаран. Имаа 78 отсто рејтинг во период, тие беа надежта за правдата. Но, јас не ја губам надежта ни денес бидејќи предметите се преземени. Катица е виновна што била толку наивна, што влегла во толку глупости. Како можев јас да проценам дека станува збор за криминалец и да речам стоп. Беше храбра, но беше беше наивна и навлегла во незаконски дејствија, рече Заев.