Според статистиката на Институтот за јавно здравје, од 06.07 до 12.07.2020 тестирани се вкупно 9.995 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање за присуство на SARS-CoV-2. Регистрирани сe вкупно 1.073 нови позитивни случаи од 26 градови во државата (Табела 1). Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=454; 42,3%) и Тетово (n=96; 8,9%).
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица над 60 години со 245 (22,8%) позитивни. Поголем број на заболени се регистрира и кај лицата на возраст од 30-39 (n=216; 20,1%), 50-59 години (n=207; 19,3%) и од 40-49 (n=202; 18,8%). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (n=40; 3,7%) и 10-19 години (n=35; 3,3%).
Во однос на дистрибуцијата по пол, пријавени се 542 (50,5%) лица од женски и 531 (49,5%) од машки пол. Од случаите кои се епидемиолошки истражени (n=994; 92,6%), регистрирани се 114 (11,5%) хоспитализирани, а кај 270 (27,2%) лица е регистрирано присуство на коморбидитети.
Од вкупниот број на нови случаи, 423 (42,6%) имаат контакт со потврден случај. Регистрирани се 22 лица со историја на патување (во последни 14 дена). По добиени два негативни теста за присуство на SARS-CoV-2, како оздравени се водат 1.017 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување.
Пријавени се 36 смртни случаи од 7 градови (Табела 1). Најголем дел од случаите се на возраст над 60 години (n=25; 69,4%). Од починатите, 35 биле хоспитализирани, а еден починал во вонболнички услови. Коморбидитети се регистрирани кај 29 починати лица.