Избирачките места отворени навреме, гласањето без никакви проблеми

– Избирачките места изутринава се навреме отворени,  гласањето досега се одива во најдобар ред и без никакви проблеми, информираат за МИА од Државната изборна комисија.

Изборниот ден почна во 7 часот изутрината, со отворање на 3390 избирачките места, а гласачите од 90 избирачки места, бидејќи се со помалку од 10, своето право на глас го остваруваат во најблиското избирачко место. Гласањето завршува во 21 часот.

Право на глас имаат 1.814.613 гласачи во шест изборни единици. Се гласа за 15 партии и коалиции со 1578 кандидати. Гласањето е тајно со заокружување на редниот број пред подносителот на листата.

Десеттите парламентарни избори во земјава, петти предвремени, се одржуваат под посебни услови поради пандемијата со Ковид-19. Сите вклучени во процесот задолжително мора да ги почитуваат препораките и мерките за заштита носење маска, држење дистанца и дезинфекција на рацете при влез и излез од гласачкото место.

Членовите на ДИК на вчерашната седница уште еднаш повторија дека гласањето е безбедно по здравјето на граѓаните и ги повикаа масовно да излезат и во една достоинствена атмосфера да гласаат за избор на пратеници.

Треба да знаете
Последни објави