Сопственикот на приватна болница во Бангладеш е уапсен поради вмешаност во фалсификување на резултатите од илјадници тестови на Ковид-19 спроведени во неговата здравствена установа во Дака, објави полицијата.
Полицискиот полковник Ешик Билах изјави дека припадниците на Специјалната полициска единица (РАБ) го уапсиле Мохамед Шадед, директор на болницата „Регент“, сместена во југозападниот дел на земјата во граничната област со Индија.
Шадед е уапсен кога се обидел да замине во Индија преку слабо контролираната граница. тој бил во бегство со денови по затворањето на неговата болница.
Деветмина вработени во болницата биле уапсени порано како дел од истрагата во која се откриени фалсификувани резултати од најмалку шест илјади тестови на коронавирус.
Властите ја повлекле дозволата на болницата да спроведува тестови откако се открило дека некои од спроведените тестови покажале лажно-позитивни или лажно-негативни резултати од тестот.
Исто така е откриено дека на пациентите им се наплаќал паричен надоместок со што се кршел договорот со властите за бесплатно лекување на пациентите со коронавирус.
Уапсена е и лекарка во јавна болница под обвинение за вмешаност во издавање лажни резултати од тестот за коронавирус во приватна клиника.
Досега во Бангладеш се регистрирани повеќе од 190.000 случаи на инфекција со коронавирус, а откако е направена првата дијагностика на 8 март, починале 2.424 лица.
Оваа јужноазиска земја се најде под жестоки критики откако се покажа дека голем број на патници кои патувале од Бангладеш за Италија по тестирањето биле позитивни, и покрај носењето сертификати дека се негативни за коронавирусот.