Истрагата на ФБИ покажа дека Алек Болдвин навистина го повлекол орозот на пиштолот со кој беше убиена Халина Хачинс.
Снимателката беше случајно застрелана на сетот на филмот Rust во Санта Фе, Ново Мексико, во октомври 2021 година, а ФБИ сега заклучи дека Болдвин (64) сигурно пукал од пиштолот.
Пиштолот-реквизит требаше да биде наполнет со лажни куршуми. Болдвин претходно негираше дека го повлекол чкрапалото.
Сепак, според форензичкиот извештај до кој дојде „Еј-би-си њус“, пиштолот не можел да биде испукан доколку не се повлече чкрапалото.
Инспекторите го тестирале пиштолот на различни начини за да видат дали можат да го испукаат оружјето без да го користат орозот. Но, на крајот, тие заклучиле дека тоа едноставно не е можно.
Во извештајот смртта на снимателката е окарактеризирана како несреќен случај.
„Смртта настанала од прострелна рана во градниот кош. Прегледот на достапните извештаи за спроведување на законот не покажа убедливи докази дека огненото оружје намерно било наполнето со муниција во моментот на пукањето“, се вели во извештајот.
Болдвин се осврна на инцидентот за време на ТВ-интервју минатата година кога тврдеше дека не го повлекол чкрапалото.
Тој тогаш рече: „Јас не го повлеков орозот. Никогаш не би вперил пиштол кон некого и не би пукал, никогаш.“
Извештајот на ФБИ сепак потенцијално би можел да доведе до кривична пријава против холивудската ѕвезда и други луѓе вклучени во фаталната несреќа.