Белоруската полиција уапси најмалку 250 лица за време на протестите, откако властите одбија да ја прифатат кандидатурата на двајцата главни опоненти на претседателот Александар Лукашенко за претседателските избори, соопшти групата за човекови права „Весна 96“.
Организацијата објави список на сите оние за кои се смета дека биле затворени во вторникот, по одлуката за одбивање на кандидатурите донесени од Централната изборна комисија. Полицијата сè уште не го коментирала ова.
Лукашенко, кој не дозволи поинакво мислење за време на своето 26-годишно владеење, е уверен во победата на изборите на 9 август, и покрај тоа што се соочи со масовни протести оваа година.
Неколку стотици луѓе излегоа на улиците на главниот град Минск, откако во вторникот донесе одлука Централната изборна комисија, а објавите на социјалните мрежи соопштија дека имало протести и во други белоруски градови.
Во центарот на Минск демонстрантите повремено аплаудираа, што е заштитен знак на нивните неодамнешни протести. Сведоците, исто така, видоа дека полицијата ги блокира главните улици и ги затвора демонстрантите.
Делегацијата на Европската Унија во Белорусија соопшти дека одлуката на изборната комисија го поткопува целокупниот интегритет и демократска природа на изборите.
Виктор Бабарико, банкар уапсен во јуни, беше исклучен од изборите поради кривично дело што се води против него, соопшти комисијата. Валериј Цепкало, поранешен амбасадор и сега претставник на технолошки компании, исто така беше одбиен откако беа поништени потписите на петицијата во негова корист.
Двајцата се идентификуваат како последни кандидати кои имаат шанса да го поразат Лукашенко, кој се соочува со растечка фрустрација на јавноста поради економијата, човековите права и непридавањето важност на пандемијата на Ковид-19 во оваа поранешна советска република.