Одѕивот на гласачите до 15 часот е 31,78 отсто, соопштија од Државната изборна комисија попладнево на прес-конференција. Обработени се податоците од 3.435 избирачки места на кои гласале 576.576 граѓани.
Најголем одѕив има во Четвртата изборна единица каде излезноста е 35,56 отсто, а најмала и понатаму е излезноста во Шестата изборна единица – 22,85 проценти.
Во Првата изборна единица излезноста е 34,51, во Втората – 29,96, во Третата – 37,24, во Четвртата-35,56, во Петтата – 31,51 и во Шестата – 22,85 отсто.
Досега до ДИК, како што информира портпаролот на ДИК Адмир Шабани, не се доставени приговори. Имало мал прекин на гласањето на избирачко место во селото Лојане, а причината била неусогласување на сериските броеви на гласачките ливчиња. Гласањето подоцна е продолжено и се одвива непрекинато.
– Што се однесува до прекинот на гласањето во Липково, во избирачко место во село Лојане, добивме информација дека имало краток прекин, а причината за прекинот било неусогласувањето на сериските броеви на гласачките ливчиња. Прекинот траел додека Избирачкиот одбор не проверил дали се на број, при што е констатирано дека има толку гласачки ливчиња колку што се запишани избирачи во Избирачкиот список. Целата оваа ситуација е констатирана во посебен записник. Таму гласањето е продолжено и тече непрекинато, појасни Шабани.
По изборни единици најголема излезност во Првата изборна единица има во Центар – 38,82 отсто, во Карпош – 38,4 и во Кисела Вода – 36,77 отсто.
Во Втората изборна единица се издвојува Ѓорче Петров со 36,74 отсто и Бутел со 34,54 отсто.
Во Третата изборна единица и понатаму најголем е одѕивот во Пробиштип – 44,32 отсто, по што следуваат Лозово – 42,46, Берово – 41,09 и Градско – 37,62 отсто.
Во Четвртата изборна единица најголема излезност има во Гевгелија – 44,01 отсто, како и во Демир Капија – 42,52 и Неготино со 41,5 отсто.
Во Петтата изборна единица, излезноста во Вевчани е 49, 2 проценти, во Крушево – 47,02 проценти и во Дебрца – 36,07 проценти.
Во Шестата изборна единица, каде има најмал одѕив од сите изборни единици, најмногу на гласање излегле во Тетово 26,17 проценти и во Јегуновце – 25,31 отсто.
Следната прес-конференција на која ДИК ќе објави нови податоци за излезноста е закажана во 17:30 часот.