Мониторингот на ЦИВИЛ во периодот од 13 до 16 часот бележи еден случај на лажни вести. Во ИМ 2476 во Гази Баба еден гласач за Канал 5 дал изјава, откако гласал, тврдејќи дека параванот бил низок и дека набљудувачите му сугерирале за кого да гласа. Според набљудувачот на ЦИВИЛ, не е вистина дека некој му сугерирал на граѓанинот за кого да гласа, соопштија од граѓанската организација ЦИВИЛ.
Оттаму дополнуваат дека продолжуваат провокациите од ИО на ИМ 2920 и 2920/1 во Бутел до набљудувачите на ЦИВИЛ. – На најразлични начини, набљудувачите се под притисок. Нашите набљудувачи ги обвинуваат дека наводно заработуваат 5-6 илјади денари, па ги прашуваат зошто постојано кружат и слично. ЦИВИЛ одлучи да ги повлече своите набљудувачи од овие две избирачки места во општина Бутел, информираат од ЦИВИЛ.
Во извештајот на ЦИВИЛ се вели дека во ИМ 1064/1 ИО му дозволил на едно лице да изврши асистенција на гласач со попреченост на видот, меѓутоа „асистентот” не помогнал, туку му кажал на гласачот каде да заокружи.
За ИМ 2936/1 општина Чаир во ОУ Имри Елези, се посочува дека ИО ги поставил параваните еден зад друг, иако претходно биле нормално поставени.
-Набљудувачите на ЦИВИЛ бележат организиран превоз на гласачи во Штип. Исто така, како што посочуваат во соопштението, забележан е автомобил како неколку пати носи гласачи, до и од ИМ 1385 во Прилеп. Претседателот и еден член на ИО не носат заштитна опрема, ниту, пак, ја одржуваат потребната дистанца.Забележана е и граѓанка која гласала без да биде проверена со УВ ламбата на ИМ 2808, во Завод за рехабилитација во Центар. Член на ИО на истото ИМ на глас ги чита имињата на гласачите – нотирани 6 вакви случаи во ИМ 2908, во истиот објект, наведуваат од ЦИВИЛ.
Во ИМ 581, 582 и 583, во ОУ Св. Климент Охридски, Делчево, се вели во извештајот од ЦИВИЛ, нотирани се пет случаи на гласачи што ги нема на Избирачки список, а личните карти им се издадени во февруари 2020 година. Во ОУ „Ѓоргија Пулевски” во Аеродром, пак, еден граѓанин влегол да гласа со партиски симболи на одредена политичка партија, било интервенирано од полицијата и лицето е приведено.
-На ИМ 2243 во општина Чашка, дошол повозрасен граѓанин, кој застанал зад параванот да гласа. Излегол од ИМ и не го ставил гласачкото ливче во кутијата, туку заминал, откако претходно потпретседателот на ИО му ја вратил личната карта. По него влегла да гласа негова роднина, која ги ставила двете ливчиња во гласачката кутија. Потпретседателот на тоа искоментирал: „Сега, бидејќи имаме човек од ЦИВИЛ тука што нѐ гледа, ајде да не трошиме време за вакви ситници”. Настанот не влегол во записник, се прецизира во извештајот на ЦИВИЛ.