Во БиХ се регистирани нови 267 лица заразени од коронавирусот

Во Босна и Херцеговина иминаве 24 часа се потврдени нови 267 случаи со коронавирусот, а од средата починале уште три лица кои претходно биле заразени, соопштија заводите за јавно здравје на двата ентитета.

Во Федерацијата БиХ, каде што се тестирани 1.300 примероци 182 биле позитивни на коронавирусот, додека во Република Српска биле тестирани 472 примероци а заразата е откриена во 85 случаи.

Поединечно најголем број новозаразени има на поширокото подрачје на Сараево, каде во последните 24 часа се потврдени 80 нови случаи, а следи Бања Лука со 17 нови случаи и Зворник со 12 новозаразени.

Вкупниот број лица кај кои досега е потврден коронавирусот во БиХ сега се искачи над 7.500, а починале 238 луѓе.

Поради ширењето на заразата во земјата на сила се мерки на засилена заштите, а обврската за носење заштитна маска е воведена и на отворени простори, како што се пазарите.

Со одлука на Советот на министри на БиХ во земјата по речиси четири месеци повторно може да влезат државјани на земјите од ЕУ, но само доколку поседуваат доказ за негативен тест на коронавирусот.

Треба да знаете
Последни објави