Украина денеска најави дека ќе организира воени вежби на своја територија, како одговор на истиот таков потег кој го планира Русија на Кавказ.
Украинскиот министер за одбрана Андриј Таран изјави на седница на Парламентот дека во маневрите ќе биде вклучена и воздушната одбрана, а вежбите ќе се одржат при крајот на септември во јужниот дел од земјата.
– Овој асиметричен одговор ќе ја покаже подготвеноста на вооружените сили на Украина соодветно да одговорат на секој обид на Русија да ја влоши ситуацијата или да започне конфликти во големи размери, истакна Таран.
Украина се надева дека во нивните воени вежби, чија цел е заштита на источните граници, ќе учествуваат и други земји, кои се членки на НАТО.
Односите меѓу Москва и Киев се тензични од 2014 година, кога Русија изврши анексија на Крим и го поддржа сепаратистичкиот бунт во источниот дел на Украина.
Во судирите меѓу украинската војска и бунтовничките сили поддржани од Русија од 2014 година загинале повеќе од 13.000 луѓе и покрај договорот за прекин на огнот во 2015 година.