На ниту едно место на планетата Земја, дождовната вода не може да се пие поради присуството на токсични хемикалии кои ги надминуваат препорачаните нивоа, покажува една неодамнешна студија на научници од Универзитетот во Стокхолм, јави дописникот на МИА.
„Нема ниту едно место на Земјата каде дождовницата би била безбедна за пиење, според податоците што ги користевме”, изјави за француските медиуми, Иан Казинс, професор на Универзитетот во Стокхолм и директор, автор на студијата објавена во списанието Environmental Science and Technology. Неговиот тим ги проучувал податоците собрани од 2010 година и покажал дека „дури и на Антарктикот или на Тибетската висорамнина, нивото на загаденост на дождовницата е над предложените упатства од Агенцијата за заштита на животната средина на САД (ЕПА)”, додава тој. Нормално двата региони се сметаат за недопрени, но и тие имаат нивоа на ПФАС (пер и полифлуороалкил) „14 пати повисоки” од американските упатства за водата за пиење.
Попознати како „хемикалии кои траат вечно” бидејќи се распаѓаат екстремно бавно, PFAS, првично присутни во амбалажите, шампоните или дури и шминката, се проширија во нашата средина, вклучително и во водата и воздухот. Откако ќе се проголта, ПФАС се акумулира во телото. Според некои студии, изложеноста на ПФАС може да има ефекти врз плодноста и развојот на фетусот. Исто така, може да доведе до зголемен ризик од дебелина или одредени видови на рак (простата, бубрези и тестиси) и зголемување на нивото на холестерол. ЕПА неодамна го намали препорачаниот праг на ПФАС откако откри дека овие хемикалии можат да влијаат на имунолошкиот одговор на вакцините кај децата, забележува Иан Казинс.
Според Иан Казинс, ПФАС сега се „толку упорни” и се присутни што никогаш нема да исчезнат од Земјата. „Ние ја направивме планетата непријатна за човечкиот живот со неповратно контаминирање, што значи дека веќе ништо не е чисто. И до тој степен што не е доволно чисто за да биде сигурно”, рече тој. Ја „поминавме планетарна граница”, вели Иан Казинс, мислејќи на модел кој ја проценува способноста на Земјата да го апсорбира влијанието на човековата активност.
Сепак, научникот забележува дека нивоата на ПФАС во телото на луѓето се намалени „прилично значително во последните 20 години” и дека „нивото на околината (на ПФАС во животната средина) останало исто во последните 20 години “. „Препораките се тие што се сменија”, прецизира истражувачот, објаснувајќи дека препорачаното ниво на ПФАСе намалено „милиони пати од почетокот на 2000-тите, бидејќи знаеме повеќе за токсичноста на овие материјали”. И покрај наодите од студијата, Иан Казинс смета дека мора да научиме да „живееме со тоа”. „Не сум страшно загрижен за секојдневната изложеност на планините, водни патишта или храната. Не можеме да избегаме само ќе мора да живееме со тоа”. „Но, тоа не е идеална ситуација, каде што сте ја контаминирале животната средина до тој степен што природната изложеност не е навистина безбедна”.