Како дел од континуираните заложби да се овозможи безбедно рекреирање на пешаците и на велосипедистите во деновите кога е најпосетено Водно, Градот Скопје и ЈП „Градски паркинг“ воведоа зонско паркирање на паркиралиштата на Средно Водно. Паркирањето се наплаќа за време на државните празници и за викендите од 9 до 16 часот. Цената за првиот час паркирање изнесува 100 денари, а секој нареден час – 50 денари. На паркиралиштата е поставена соодветна хоризонтална и вертикална сигнализација, како и информативни табли. Паркирањето е бесплатно за хендикепираните лица, како и за туристичките автобуси, а паркирањето во зеленило се санкционира. Паркингот на Водно викендов го искористиле 262 возила според бројот на испратени СМС пораки. Градот Скопје апелира до граѓаните да го чуваат зеленилото и другите јавни површини, а своите возила да ги паркираат исклучиво на означените паркиралишта.