Стотици приврзаници на независноста на Каталонија денеска протестираа против посетата на кралот Фелипе Шести и кралицата Летиција на североисточниот регион на Шпанија, која е во рамките на кралската турнеја низ Шпанија со цел зајакнување на духот на населението во екот на пандемијата на коронавирусот.
Посетата е организирана во време кога медиумите го обвинија таткото на кралот, поранешниот монарх Хуан Карлос Први, за наводно криење милиони неоданочени евра во оф-шор фондови.
Обвинителите во Врховниот суд во земјата утврдуваат дали може да се покрене истрага против поранешниот крал за примање пари од Саудиска Арабија, најверојатно добиен во замена за договор за брза железница.
Хуан Карлос, кој во 2014 абдицира во полза на неговиот син, не проговори јавно за обвиненијата против него.
Кралската двојка иницираше посета на сите 17 шпански региони, која беше замислена како поддршка на граѓаните и економијата, која закрепнува од првиот бран на пандемијата.
Посетата на Каталонија првично беше планирана минатата недела, а требаше да вклучи неколку градови и Барселона, меѓутоа, монархијата соопшти дека ја одложува и ја намали на куса посета на манастир поради појава на новозаразени во и околу главниот град на регионот.
Демонстрантите денеска носеа фотографии од Фелипе свртени наопаку и порака „Каталонија нема крал” за време на протестот организиран од АНЦ, најголемата регионална цивилна група која се залага за независност.