На островот Андрос и во западниот дел на Пелопонез активни се два пожари, а противпожарните сили од копно и воздух се обидуваат да ги стават под контрола огнените јазици, јави дописничката на МИА од Атина.
Од општина Андрос соопштија дека биле евакуирани 11 лица, дел од нив биле во куќите во населбата што е во близина на пожарот, додека пак со помош на крајбрежната служба, од плажа биле евакуирани две лица.
На островот интервенираат 17 пожарникари со пет возила, еден пешадиски тим, два авиони и два хеликоптери, како и три цистерни од општината и еден багер.
Вториот голем шумски пожар е во западниот дел на Пелопонез и не претставува опасност за населени места.
Во гаснењето учествуваат 50 пожарникари со 17 возила, два пешадиски тима и четири авиони.