Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, пред почетокот на четвртиот ден од самитот за излез од економската криза во ЕУ изјави дека сите лидери на ЕУ покажуваат волја за решение, јави дописничката на МИА од Брисел.
Лидерите на 27-те земји членки веќе четврт ден се наоѓаат во Брисел каде се обидуваат да постигнат компромис за Фондот за закрепнување, со кој треба да им се помогне на земјите членки да ја надминат економската криза во која ги доведе коронавирусот.
Вчерашната сесија на преговори заврши околу пет часот изутринава, попладнево тие повторно ќе заседаваат со цел да постигнат конечен компромис.
-Имам впечаток дека ЕУ лидерите навистина сакаат договор, покажуваат јасна волја да изнајдат решение, и потребно ни е решение, потребно им е решение на граѓаните, потребно и е решение на ЕУ, потребен е договор за надминување на оваа криза, сѐ уште не сме таму, но се движиме во добра насока, изјави Фон дер Лајен на пристигнување во Европскиот Совет попладнево.
Европската Комисија со поддршка на Германија и Франција нудат пакет од 750 милијарди евра во облик на субвенции и заеми, но лидерите на 27-те не можат да се усогласат околу обемот на заеми и обемот на субвенции. Таканаречените штедливи земји бараат помалку субвенции и гаранции дека јужните земји ќе спроведат макроекономски реформи, додека пак јужните земји бараат итна помош со оглед на катастрофалниот биланс од коронавирусот врз нивниот здравствен систем.