Американскиот Стејт департмент денеска му воведе санкции на лидерот на руската Република Чеченија, Рамзан Кадиров, во кои е вклучена и забраната за влез во САД, поради обвиненија за наводни кршења на човековите права.
Државниот секретар на САД, Мајк Помпео, во изјавата кажа дека е загрижен што Кадиров, близок соработник на рускиот претседател Владимир Путин, ја користел пандемијата на коронавирусот како изговор за кршење на човековите права за населението во Чеченија, пренесуваат британските медиуми.
-Стејт департментот има обемни и сигурни информации дека Кадиров е одговорен за голем број сериозни кршења на човековите права, кои траат повеќе од една деценија и вклучуваат тортура и вонсудски убиства, рече Помпео.
Кадиров како свој одговор на американските санкции објави фотографија на социјалната мрежа Телеграм на која се смее и се гледа дека стои до нешто што личи на склад за оружје, а до него е лесен митралез на статив.
„Помпео, ја прифаќаме борбата. Ова ќе биде интересно”, напиша Кадиров.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, на Фејсбук порача дека ќе биде тешко да се најде реципрочен одговор, „но ќе размислиме за нешто”.