По инцидентот за којшто пишуваа белградските медиуми и нападот врз сопственик на клиника со тениски рекет, српскиот лидер на ЛДП, Чедомир Јовановиќ, кусо изјавил за медиумите дека погрешил, но и дека е човек од месо и крв и дека реагирал затоа што неговото семејство е загрозено.
Српските медиуми утрово објавија дека лидерот на ЛДП го нападнал адвокатот на клиниката лоцирана во Нов Белград, на улицата Милутин Миланковиќ, а само еден ден пред тоа го нападнал и сопственикот на таа клиника со тениски рекет, кој бил примен во Ургентниот центар поради повреди.
Снимката за утринскиот инцидент заврши во медиумите, а во неа се прикажува и сопругата на лидерот на ЛДП, Јелена Јовановиќ, која го влече Чедомир за ракавот. После тоа, беше објавено дека Јовановиќ примил „одредена терапија“ во клиниката „Физио центар“ и дека бил забележан како лежи таму со неколку лица околу него. Кога ја напуштил клиниката, новинарите го прашале што се случило, а тој рекол дека доаѓа на таа клиника поради терапијата, која му била препишана откако излегол од болницата.