Министерството за надворешни работи на Азербејџан изрази длабоко разочарување и збунетост поради сознанието дека Србија продала големо количество минофрлачи и друго оружје од различен калибар на Ерменија, која потоа ова оружје на 12 јули го користела во нападот врз азербејџанските полицајци на границата меѓу двете држави.
Заменик министерот за надворешни работи на Азербејџан, Калаф Калафов, за ова ја известил српската амбасадорка во Баку, Даница Веиновиќ, истакнувајќи дека овој случај „фрла сомнеж на пријателските односи и соработката меѓу двете држави на највисоко ниво”.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, по повод најновата афера за трговијата со оружје во која се најде Србија, министерот за трговија Расим Љајиќ изјави денеска дека оружјето е извезено во Ерменија од приватна компанија чие име не смее да го изнесе во јавност.
-Не можам да кажам за која компанија станува збор, но познато е дека извезуваше главно пушки и пиштоли, дека вредноста е помала од еден милион евра и дека стоката е испорачана во два наврати, во мај и јуни, изјави Љајиќ.
Објаснувајќи како се случил таков пропуст, што може да ги наруши пријателските односи меѓу Србија и Азербејџан, Љајиќ истакна дека одобрението го дале три министерства и БИА.
Тој изјави дека против Ерменија во моментов нема санкции на ЕУ, ОН, САД или Русија и „ако немате формални санкции, многу е тешко да го отфрлите барањето на споменатата држава, во случајов Ерменија”.
-Србија има одлични односи со Азербејџан, таа е наш добар пријател, партнер, каков што секој може само да посака. Нивниот глас во меѓународните организации е многу важен за Србија. Сега мора да разговараме со претставниците на Азербејџан и да не дозволиме, ако е можно, оваа ситуација да ги наруши нашите меѓународни односи. Моето мислење е дека не смееме да дозволиме вакво нешто повторно да се случи, треба се да сториме за да избегнеме вакви ситуации во иднина, оцени Љајиќ.