Дендиас- Мас: Да запрат активностите на Турција во Источниот Медитеран

Повик до Турција да запре со активностите во Источниот Медитеран и да го почитува меѓународното право испратија министрите за надворешни работи на Грција и Германија, Никос Дендиас и Хајко Мас по нивната денешна средба во грчкото МНР, истакнувајќи ја важноста да постои дијалог со Анкара, јави дописничката на МИА од Атина.

Активностите на Турција, ситуацијата во источниот Медитеран и во Либија, мигрантското прашање, пандемијата на Ковид – 19, како и билатералните односи беа дел од темите за кои разговараа шефовите на двете дипломатии, а Дендиас рече дека станало збор и за ЕУ перспективата на регионот.

– Се осврнавме и на европската перспектива на Балканот, која, исто како и Германија, и ние силно ја поддржуваме. Тоа е перспектива што придонесува за зацврстување на стабилноста и безбедноста во регионот. Но, се разбира, перспективата може да напредува само ако се исполнети поставените услови, рече шефот на грчката дипломатија.

Во однос на Турција, Дендиас истакна дека Анкара го игнорира поттикнувањето од Атина „да стави крај на нејзиното нелегално однесување, да го почитува меѓународното право и да ги почитува нејзините обврски”.

-Грција е исто така отворена за дијалог. Но, под услови. А условите не се грчки, туку се подразбираат. Предуслов е почитување на меѓународното право, на меѓународното морско право и правилата за добрососедство. И, се разбира, незамислив е дијалог под закана, порача Дендиас.

Потребата да постои дијалог со Анкара, ја истакна и шефот на германската дипломатија, кој потенцираше дека Турција е стратешки важна земја како во рамките на НАТО, така и за мигрантското прашање, но додаде дека потребно е да се почитува меѓународното право и да запрат дупчењата во Источниот Медитеран.

-Очекуваме од Турција овие дупчења што се вршат кај Кипар да завршат и да не постои простор да започнат нови активности и дека ова претставува предуслов за да постои дијалог што ќе доведе до чекори напред меѓу Европската унија и Турција, порача Мас и додаде дека „германската Влада има јасна позиција и во однос на прекршувањата на правата во Ексклузивната економска зона”.

Одговарајќи на новинарско прашање за одлуката на Турција, Света Софија да ја претвори во џамија, Дендиас рече дека станува збор за „погрешна и необјаснива одлука”  што се однесува на „светската заедница”, додека пак Мас се повика на изјавата на Борел дека „овој потег, јасно е дека не придонесува во разбирањето меѓу народите.”

Шефот на германската дипломатија, претходно беше примен од претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу, а станало збор за актуелните теми, со акцентот ставен на турските активности.

Сакеларопулу изразила надеж и очекување дека за време на германското претседателство ќе има напредок во прашањата што се важни за Грција, а Мас ѝ ветил дека ќе се направи секаков можен напор за постигнување на посакуваниот напредок.

Мас за време на денешната посета на Атина попладнево ќе се сретне и со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.

Треба да знаете
Последни објави