Со Јанушев имав исклучително лоша соработка додека бев претседателка на Унија на жени, истакна Даниела Рангелова од ВМРО-ДПМНЕ во Отворено на Телевизија 24.
„Соработував со Емил Димитриев и со други генерални секретари, но вакво лошо искуство како со Јанушев не сум имала, бидејќи, не сакам да навредам никого, но Јанушев имаше непочитување кон Унијата на жени. Откако јас се повлеков, жените членки беа поттргнати на страна, се изгубија ингеренциите на жените. Сè се правеше жените да имаат помалку права во партијата и тоа може да се види по резултатите од овие избори, каде ВМРО-ДПМНЕ сега има помалку пратенички отколку во претходниот состав“, посочи Рангелова.
Рангелова потенцира дека нема лично нетрпение со Јанушев, туку тој едноставно имал таков арогантен карактер.
„Можеби ја слушнавте бомбата во која што Јанушев кажува дека ќе дели шамари? Тоа е за мене! И за боксот е за мене, тоа е во кампањата на Владимир Тодоровиќ во 2013 година кога јас бев обичен член на партијата. Тогаш Јанушев му беше записничар на Миле Јанакиески. И сега истиот тој Јанушев кажува дека е новото раководство, рече Рангелова во гостувањето во Отворено на Телевизија 24.