Црвен крст на град Скопје, во пресрет на 26 јули- Ден на солидарност, традиционално организира низа активности во знак на сеќавање на катастрофалниот земјотрес во Скопје, но и во знак на покажаната солидарноста и хуманоста на нашите сограѓани.
Традиционална активност е крводарителската акција која ќе се реализира на 24 јули (петок) во ДХО Даре Џамбаз во периодот од 09:00 до 17:00 часот. Покрај Црвен крст на град Скопје, во организација на крводарителската акција се вклучува Општинската организација на Црвен крст Кисела Вода, во соработка со Институтот за трансфузиона медицина.
Оваа година, на 24 јули (петок), а во склоп на активностите за одбележување на 26 јули, планираме уште една активност која ќе се одржи на отворен простор. Имено, на споменатиот датум, планираме поставување на изложба на фотографии од наградуваниот авторот Виктор Лакен, кој за Меѓународната федерација на Црвен крст и Црвена полумесечина ги изработи делата со наслов „Здравствена заштита за спасување живот на луѓето кои се во движење на Балканот“. Изложбата планираме да ја поставиме на Ул. Македонија (делот помеѓу продавниците на „Краш” и „Сваровски”), а фотографиите кои се испечанени на форекс ќе бидат поставени на наменски изработени штафелаи. Волонтерите на Црвен крст ќе стојат покрај фотографиите, и на сите минувачи, со почитување на сите протоколи за заштита и самозаштита, ќе им ја објаснат приказната за секоја фотографија.
Изложените дела ќе се постават на 24 јули (петок) од 10:30 до 13:00 часот.
*Во месеците јули и август 2019 година, Меѓународната федерација на Црвен крст и Црвена полумесечина (МФЦК) го испрати наградуваниот фотограф Виктор Лакен низ Балканот за да ги документира предизвиците со кои се соочуваат бегалците и мигрантите кои треба да пристапат до здравствена заштита на нивните долги и тешки патувања. Тој открил дека многу мигранти имаат повреди од самото патување, било од судири со властите, несреќи со возила или други несреќи. Други имале здравствени состојби кои не можеле да се лекуваат. Мигрантите исто така се соочиле со психолошки стрес, недостаток на пристап до здравствени услуги, чиста вода за пиење и санитарни објекти и страдале од лоша исхрана. Како последица на тоа, тие станале многу ранливи на инфекции и болести. Националните друштва на Црвениот крст во Северна Македонија, Србија и Босна и Херцеговина им помагаат на луѓето во движење, пружајќи медицинска нега во центрите за транзит, привремените кампови, па дури и покрај патот. Тие исто така се залагаат за мигрантите и бегалците да имаат подобар пристап до националните здравствени системи. Без нив, многу повеќе луѓе би претрпеле сериозни повреди, па дури и смрт. Фотографиите од РСМ, предизвикаа силни реакции кај посетителите на изложбата во седиштето на Меѓународната федерација на ЦК и ЦП во Женева, и истите го покажуваат вистинскиот хуманитарен одговор на тимовите на Црвен крст во делот здравствена заштита и медицинска помош.
Црвен крст на град Скопје, по повод 26 јули, ќе додели благодарници на соработници и поддржувачи, во знак на покажана солидарност и поддршка на ранливи категории. Оваа година, поради состојбата со пандемијата од Ковид-19, благодарници ќе доделиме на фирми, компании и соработници кои во изминатиот период доделија значителна хуманитарна помош наменета за ублажување на ранливоста на населението погодено од пандемијата со Ковид – 19. Благодарниците ќе бидат доставени до секој од наградените субјекти.
Согласно поканата и протоколот од Град Скопје за одбележување на 26 јули на градските гробишта во Бутел, делегација од Црвен крст на град Скопјеќе биде дел од одбележување на денот и ќе положи цвеќе.