Група од 85 баратели на азил односно деца со сериозни здравствени проблеми, заедно со нивните родители или членови на семејството, утрово од Грција заминаа за Германија, јави дописничката на МИА од Атина.
Станува збор за деца и семејства беа сместени во прифатните центри за бегалци и мигранти во Грција, а во рамките на европската солидарност Германија се согласила да прими 243 деца со сериозни здравствени проблеми.
Алтернативниот министер за миграција и азил на Грција Јоргос Кумуцакос и амбасадорот на Германија во Атина Ернст Рајхел ги испратија барателите на азил од атинскиот аеродром и изразија задоволство што продолжуваат заедничките напори на двете земји за релокација на бегалците.
– Овие мали деца имаат вистинска потреба од грижа, здравје и нега. Сакам особено да ѝ се заблагодарам на Германија бидејќи на овие луѓе, на овие деца им дава можност да преминат во друга фаза од нивниот живот и да имаат надеж, а во исто време се намалува тежината за Грција како земја од првите редови, рече Кумуцакос.
– Ќе следат, со брзо темпо повеќе вакви префрлања, а следното ќе биде на 31 јули. Вкупно, имаме за цел да релоцираме 243 болни деца со нивните семејства, што веројатно ќе достигне до повеќе од 900 лица. Паралелно, одново започна транспортот на деца во рамките на обединувањата со семејството и драго ми и е за тоа. Станува збор за случаи кога членовите на семејството веќе престојуваат во Германија. Едно такво префрлање во Германија се очекува на 30 јули, рече германскиот амбасадор во Атина.