Новиот собраниски состав е познат, со очекувани промени во зависност од тоа кој од таму ќе замине во министерски води или на други позиции во извршната власт. Рокот за свикување конститутивна седница од страна на претседателот на Собранието Талат Џафери е 4 август, и тој веќе изјави дека дотогаш ќе ја свика седницата. Собраниските служби се подготвуваат согласно мерките за заштита од коронавирусот за одржување на конститутивната седница во големата сала со купола каде што ќе биде обезбедено соодветно растојание меѓу пратениците, собраниските службеници и други лица кои треба да се присутни. Гласовите на оваа седница ќе се бројат рачно, а веројатно и на тие потоа имајќи предвид дека во неа нема инсталирано систем за гласање.
По изборот на нов собраниски спикер, и координатори на пратеничките групи, се очекува веднаш да се пристапи кон избор на начинот на работа на новото Собрание, имајќи ги предвид превентивните мерки за заштита од Ковид-19, но и ресурсите и можностите со кои располага Собранието и неговиот објект. Можни се неколку сценарија, па дури и одржување седници на далечина (online), за што е потребно менување на Деловникот за работа на Парламентот, но и технички предуслови во смисла на соодветна опрема и компјутери, како и компјутерска програма и заштита на безбедноста. Собранието, според информации од службите, делумно ги исполнува условите за одржување на седници на далечина, а треба да се обезбеди софтвер за препорзнавање на ликот на пратениците (face recognition software). Пратениците гласаат за закони и прашања од сериозен национален и и државен интерес, така што мора да се гарантира дека токму тие гласаат.
Претседателот на Собранието Талат Џафери во разговорот за МИА минатата недела потврди дека за одржување на онлајн седници е потребно менување на Деловникот за работа и дека за тоа треба да одлучи новиот состав на Парламентот. Независно од ситуацијата со Ковид-19, Собранието бараше менување на актуелниот систем за гласање во парламентарната сала. Џафери обезбеди средства со ребалансот на Буџетот за оваа година, но потоа овие пари му беа земени на Собранието поради кризата со коронавирусот.
Како што брифираат од Собранието, едно од сценаријата што би било можно е одржување седици како во српскиот парламент, односно по десет пратеници од пратеничка група да бидат во пленарната сала или да се менуваат, а гласањето да биде во Големата сала со Купола и гласовите да се бројат рачно бидејќи таму засега не постојат услови за вградување систем за гласање.
Собраниски и комисиски седници согласно здравствени протоколи
Членови на Комисијата за заразни болести заедно со членови на Комисија формирана од собраниската служба заедно ги провериле сите активности преземени по налог на Џафери во однос на почитување на превентивните мерки за заштита од ширење на коронавирусот и одржувањето на конститутивната седница, но и другите следни пленарки, како и седниците на парламентарните комисии.
– Во Собранието беше претседателот на Комисијата за заразни болести да ги прегледаме протоколите, рече Џафери за МИА, повторувајќи дека конститутивната седница ќе ја свика во рокот, што истекува на 4 август, и дека таа ќе се одржи во салата со Големата купола каде може да се запази одржувањето дистанца.
Генералната секретарка на Собранието Цветанка Иванова вели дека од почетокот на кризата се почитуваат мерките во собраниската зграда. За Конститутивната седница посочува дека собраниската разботна група работи директно со член на Комисијата за заразни болести.
-Ќе бидат запазени сите протоколи. Работната група во која има претставник на Комисијата за заразни болести е во завршна фаза. Седницата, како што знаете, ќе се одржи во Големата сала со Купола. Ќе се обезбедат сите заштитни мерки за сите вклучени, како и за поканетите гости така и за новинарите. Прес-конференциите ќе се одржуваат во Кристалната сала, која е поголема. За пратеничките групи, што ќе се формираат, се обезбедени посебни сали, големи за да може да се обезбеди дистанца, појаснува Иванова.
Пред одржувањето на конститутивната седница целосно ќе биде дезинфициран објектот на Собранието, а тоа во изминатите месеци е направено уште два пати.
На денот на одржување на Конститутивната седница ќе се мери температура на секој што ќе дојде во собраниската зграда, пратениците и другите поканети гости ќе бидат прифаќани од протоколот и спроведувани точно до местото каде што ќе треба да седат.
За тоа како ќе се одвиваат пленарните седници потоа и седниците на рабаотните тела, вели дека, според условите ќе се донесат и такви протоколи, но дека за тоа треба да одлучуваат претседателот на Собранието и новите координатори на пратеничките групи, и оти се ќе зависи од политичката воља на тие што се застпени во Парламентот.
Од почетокот на пандемијата, иако пратениците веќе беа распуштени, се почитуваат мерките за заштита од Ковид-19. Иванова за МИА вели дека на влезот во зградата има дезинфициони средства, како сунгер со средство за дезинфекција за чевли и средство за дезинфекција на раце. На секој кат и пред секоја поголема сала има бескотактни апаратчиња за дезинфекција на раце. Вработените во собраниските служби низ зградата се движат со маски, а во канцеларија нема повееќе од двајца, а доколку големината не дозволува тогаш по еден службеник. Постојано се дезинфицира и се пребришуваат кваките и гелендерите.
Седници за итни прашања со намален број пратеници во европските Парламенти
Според истражувањето на Парламентарниот институт од јуни оваа година во Албанија пленарните седници се одвиваа на далечина со употреба на софтвер од надворешен давател на услуги.
Во Австрија одржување на седници со употреба на електронски средства не се дозволени во Сојузниот устав или во Деловникот за работа, па Парламентот мораше да донесе правилници за да се почитуваат препораките за хигиена и безбедност.
Претставнички дом на Белгија во март го измени својот Деловник за да им овозможи на членовите, под одредени услови, да се сметаат за „присутни” на избраните комитети и пленарни седници дури и кога не се физички присутни и да гласаат електронски или преку е-пошта.
Парламентот на Хрватска, се конститутираше пред некој ден, го ограничи одржувањето на пленарните седници и комисии. Донесени се посебни мерки за да им се овозможи на пратениците да гласаат со употреба на електронски средства. Комисиите гласаат преку е-пошта или СМС-порака. По Велигден, Парламентот продолжи со работа во зградата на Парламентот, кој беше саниран откако беше оштетен во силниот земјотрес од 22 март. За прв пат гласањето на пленарната сесија се одржа во три различни сали со цел да се обезбеди социјално дистанцирање.
Пленарните седници во Парламентот на Чешка во моментот на истражувањето не се одржуваат. Одржувањето на комисиите е намалено или откажано и само мал број од нив се одвиваат со употреба на електронски средства. Не постои правна рамка за одржување на состаноци на далечина. Гласањето со употреба на електронски средства е можно, но мора да се направи видливо. Користениот софтвер е Вебекс и е хостиран внатрешно.
Седниците во Парламентот во Данска се одржуваат само за итни работи со намален број пратеници. Бројот на состаноци на Комитетот е намален и се одвива преку видео – конференција. Од 20 април, Парламентот на Данска постепено почнува со нормално функционирање.
Парламентот на Естонија ја реорганизира својата работа. До 1 мај се разгледуваа само критични прашања. Парламентот одржува седници само во понеделник.
Во Франција се имплементирани специфични методи на работа. Ваквите методи вклучуваат: суспендирање на сите тековни активности, освен донесување закони за итни случаи и прашања до владата; намален формат за седници, ограничен на три лица по политичка група, претседател плус двајца пратеници и слично.
Во германскиот Бундестаг има намалување на потребниот праг за гласање во Парламентот, од потребната половина од вкупниот број на пратеници за донесување на законско обврзувачки решенија на четвртина од пратениците на Бундестагот. Присуството на четвртина од сите членови ќе го задоволи ова барање, по новиот став 126 а, што ќе се додаде во Деловникот за работа на Буднестагот.
Парламентот на Унгарија продолжува да одржува редовни неделни седници, со одредени мерки на безбедност: обезбедување на физичко растојание на пратениците со одржување на пленарни седници во сала со поголем капацитет за седење, со барање пратениците да останат само во пленарната сала за времетраење на нивните излагања или гласање.
Во Италија работата на пратениците се организира преку нивно сместување во различни згради со цел да се обезбеди потребното ниво на социјално дистанцирање.
Во Исланд бројот на пратеници на пленарните седници на Парламентот е намален, врз основа на договор меѓу парламентарните групи. Во моментот се постапува само по итни прашања. Гласањето со употреба на електронски средства, т.е. гласање на далечина не е можно според сегашните постојани одредби (утврдени со закон во Исланд) и Уставот на Исланд. Како резултат на тоа, гласањето на пленарните седници внимателно го почитува социјалното дистанцирање. Од 21 март, целото учество на состаноците на Комисиите е на далечина со употреба на електронски средства.
Во Летонија седниците се одржуваат во осум одделни парламентарни простории за да се обезбеди социјално дистанцирање.
Парламентот на Луксембург го намали бројот на седници. Тие се одвиваат во просториите на Парламентот или на далечина, со употреба на електронски средства. Заедничките состаноци на комисиите нема да се одржат одреден период. Гласањето исто се одвива со употреба на електронски средства односно истото се врши со повик.
Во Норвешка намален е бројот на пленарни седници, се одржуваат седници само по итни прашања, бројот на Комисии е исто намален и предност е дадена на работењето на далечина, со употреба на електронски средства.
Парламентот на Словенија одржува само вонредни седници и повеќето состаноци на комисиите се одложени. Се испитуваа опции за одржување состаноци на комисиите со помош на видео конференција. Повеќето вработени во Парламентот работат од далечина, со исклучок на основниот персонал и оние што се потребни за непречено одвивање на Парламентот.
И во двата дома на Парламентот на Шпанија (Сенатот и Конгресот), пратеничката функција се одвива преку т.н. гласање од далечина преку употреба на електронски средства за пленарните сесии одржани за време на кризата предизвикана од корона-вирусот.
Влез на медиуми во Парламентот
Кризата со коронавирусот предизвика промени и во работата на новинарите и медиумите. Како што се најавува, имајќи ја предвид актуелната состојба со коронавирусот, најверојатно бројот на медиумските работници во Собранието ќе биде ограничен, а нивните активности ќе се следат во живо преку Собраниските канал и со стримови во живо. Конститутивната седница ќе се следи преку Собранискиот канал, а прес-конференции ќе бидат организирани во Кристалната сала каде што би имало доволено простор за одржување дистанца.
Според истражувањето на Парламентарниот институт, во Албанија е забранет влез за медиумите за време на кризата со коронавирусот. Во Австрија е дозволен пристап на новинарите единствено на парламентарните седници. Во сите други случаи, присуството на медиуми во Парламентот не е дозволено.вВо Молдавија медиумски активности исклучиво дозволени во центарот за медиуми на Парламентот. Во Словенија поставен привремен центар за медиуми во лобито на зградата на Парламентот. Присуството на медиумите во Словачка е дозволено единствено надвор од зградата. Во Финска е обезбедена посебна локација за медиумски активности, како и за спроведување на интервјуа под посебни услови и безбедносни препораки.