Со изложбата „Скопска алеја на меѓународната солидарност“ во организација на Музеј на град Скопје, се одбележа 57 годишнината од катастрофалниот земјотрес што со својата уривачка сила во 1963 година го претвори Скопје во урнатина и голем број граѓани ги остави без своите домови.
Изложбата се одржа во Градскиот парк, а пред присутните се обрати градоначалникот Шилегов.
– Уште првите денови светската солидарност се покажа на дело: од сите страни на светот пристигнуваат донации од медицински средства, крв, вода и храна, како и војници и машинерија за расчистување. А во годините потоа, Скопје ќе ги добие како донација и Музејот на современа уметност, Универзална сала, МКЦ, Хидрометеоролошки завод, Детската болница во Козле, Поликлиника Букурешт, како и цели населби во Тафталиџе, Ѓорче, Драчево… Тука морам да ги споменам и да им се заблагодарам на сите поединци кои му помогнаа на Скопје кога му беше најтешко. Да ве потсетам само на девојчето со име Гудвин Мец од Германија, што целата своја заштеда од касичката ја испраќа за настраданите од земјотресот или на младата јапонска студентка Еико Музики којашто го донирала својот дијамантски прстен, пренесуван со генерации во семејството. Ретки се градовите што доживуваат катастрофи од вакви размери, но уште се поретки тие што се издигнале со помошта на целиот свет, токму затоа Скопје припаѓа на светот. И токму поради светската солидарност ние го имаме светот во мало. Погледнете ги само имињата на нашите улици: Осло, Багдадска, Финска, Стокхолмска, Париска, Лондонска, Московска, Мексичка… Тие и денес говорат за солидарноста на светот. – кажа Шилегов.
Градоначалникот Шилегов истакна дека мораме да го сочуваме и да го негуваме наследството од обновата на нашиот град како непроценливо богатство, како и дека годинава ќе заврши процедурата за враќање на старите имиња на повеќе скопски улици, меѓу кои е и Мексичка, за да не се заборави светската солидарност која одново го издигна нашето Скопје од урнатините.
– Не смееме да дозволиме Скопје 2014 да продолжи да го уништува она што остана неуништено во нашиот град. Заради ова е важно и да нема нови градби од типот на Шпанските скали. На Скопје му требаат нови паркови и нови зелени површини, околу ова прашање сите се согласуваме. Ние, сегашните жители на Скопје ќе продолжиме да градиме мостови, паркови, булевари и ќе продолжиме да се грижиме и да го сакаме Скопје, затоа што Скопје е нашиот дом, нашиот најубав град! – истакна Шилегов.
Oдбележувањето на годишнината од катастрофалниот земјотрес ќе продолжи утре со положување цвеќиња на Споменикот на жртвите од земјотресот на градските гробишта во Бутел, а во паркот на МКЦ ќе се одржи мултимедијалниот настан „МКЦ за Скопје“ со богата вечерна програма.
Традиционално во Дом на хуманитарни организации „Даре Џамбаз“ се одржа крводарителска акција.
Заради условите коишто ги наметна здравствената криза со коронавирусот, планираните активности на Градот се организираат согласно со строгите протоколи за вакви настани на Владата на Република Северна Македонија.